Домашните аналитичари оценуваат дека ваквите чекори што сега ги преземаат Данска и Германија, но и неколку други земји во светот, не се потребни за Македонија. Тоа, пред сѐ, се должи на фактот дека земјите што сега се обидуваат да им го одземат државјанството на овие луѓе се справуваат со бројно поголем безбедносен проблем од оној што го има нашата држава

Дали Македонија треба да размислува да им го одземе државјанството на оние граѓани што се борат на странските фронтови на Блискиот Исток? Оваа дилема е актуелна во домашната јавност по серијата случувања евидентирани во Европа. Имено, данскиот весник „Локал“ пишува дека поради ескалирањето на конфликтот меѓу Турција и Курдите, Данска го забрзала процесот за носење на законот за одземање на данското државјанство на терористите од Исламската држава (ИД).
Според весникот, данската влада проценила дека постои голем ризик терористите да избегаат од камповите во подрачјата контролирани од Курдите, и потоа некои од нив, кои поседуваат дански пасоши, да се вратат назад во државата.

– Актуелната состојба во пограничниот регион меѓу Турција и Сирија претставува значителен ризик странските борци со данско државјанство набргу да бидат на пат за Данска – соопшти данската влада.
Рускиот медиум „Спутник“ на оваа тема го цитира данскиот премиер Мет Фредериксен, кој истакна дека Владата ќе побара од парламентот што е можно побргу да одобри закон што ќе овозможи административно да им се поништи данското државјанство на странски државјани со двојно државјанство.
– Ова ќе значи дека Данска ќе може да им го одземе државјанството на странските државјани додека тие сѐ уште се во странство – изјави Фредериксен.
Според премиерот, кој доаѓа од редовите на социјалдемократите, Владата ќе стори сè за да ги спречи терористите да се вратат во Данска.

– Постои ризик логорите за затвореници од ИД, контролирани од курдските сили во граничната област, да се растурат и странските борци со данско државјанство да се обидат да се вратат во Данска. Тоа се луѓе што ѝ свртија грб на Данска и насилно се бореа против нашата демократија и слобода. Тие претставуваат закана за нашата безбедност и се непожелни во Данска – објасни Фредериксен.

Во меѓувреме, слични иницијативи има и во Германија. Според „Дојче веле“, германската влада планира да донесе закон, кој ќе им овозможи да им го одземат германското државјанство на исламистите опасни за уставниот поредок.
– Планираме да донесеме закон што ќе овозможи на џихадисти, кои имаат двојно државјанство, да им се одземе германското – изјави Стефан Мејер, државниот секретар во германското МВР.

Според Мејер, тамошните власти размислувале и за систематско протерување на лицата на кои им е одбиено барањето за азил, и за кои не постојат правни основи за престој во Германија.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека ваквите чекори, кои сега ги преземаат Данска и Германија, но и неколку други земји во светот, не се потребни за Македонија.
Аналитичарот ја темели оваа своја аргументација на фактот дека земјите што сега се обидуваат да им го одземат државјанството на овие луѓе се справуваат со бројно поголем безбедносен проблем од оној што го има нашата држава.

– Во периодот од кога траат воените случувања на Блискиот Исток, па досега од Македонија на боиштата заминаа да војуваат приближно 80 луѓе, од кои назад се вратени поголем дел. Во меѓувреме измената на Кривичниот законик во државава и стапувањето во сила на неколку државни стратегии за борба со екстремизам, тероризам и верски радикализам дадоа плод, па со тоа се намали и бројката на нови луѓе од земјава што заминуваат на боиштата. Од друга страна, проблемот со кој се справуваат во моментов Данска и Германија не може да се мери со оној во Македонија, бидејќи кај нив станува збор за повратници што се бројат со стотици и илјадници, па од тука логична е и различната потреба за построго државно справување со ова безбедносно случување – заклучува Марковски.

[email protected]