Фото: Игор Бансколиев

Водици беше прославен насекаде низ земјите каде што живеат православни Македонци, првпат годинава и во Данска

Православните верници и Македонската православна црква речиси во сите градови во земјава го чествуваа големиот празник Богојавление-Водици со осветување на водите, а граѓаните традиционално пливаа по светиот крст. „Бог се јави – вистина се јави“ е поздравот со кој верниците на 19 јануари секоја година го одбележуваат празникот.
Дваесет и петгодишниот Кристијан Ниневски од Скопје го фати светиот крст што архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан, го положи во водите на реката Вардар во Скопје.

Ниневски првпат го фатил крстот, а веќе шест години учествувал на традиционалната манифестација што во Скопје се организира по повод големиот христијански празник.

– Здравје и среќа за сите. Бог се јави – изјави кратко Ниневски откако го фати крстот.
Во Скопје беа пријавени околу 140 граѓани за фаќањето на крстот. Се верува дека оној што ќе го фати светиот крст ќе го следат благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христос, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

Водици беше прославен насекаде низ земјите каде што живеат православни Македонци, како во Албанија, Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови низ Албанија, во Австралија. Македонците што живеат во Данска првпат годинава го одбележаа големиот празникот Богојавление-Водици со фрлање на крстот во водите на Балтичко Море во Копенхаген.

Фото: Игор Бансколиев