Фото: Принтскрин, БТВ

Најмалку 46 лица загинаа во автобуска несреќа на автопатот Струма во Бугарија во текот на ноќта, јавија бугарските медиуми. Се запалил автобус со македонски таблици кој во Бугарија влегол од Турција.

Од бугарското Министерство за внатрешни работи соопштија дека според првичните информации загинале најмалку 46 лица. Седуммина патници се пренесени во болницата „Пирогов“ во Софија и сите надвор од животна опасност, како што изјави за бугарските медиуми Николај Николов, началник на Генералната дирекција за противпожарна безбедност и заштита на населението при МВР на Бугарија.

Автобусот се запалил. Инцидентот се случил нешто по 2 часот по полноќ кај селото Боснек во делот на автопатот Струма меѓу Перник и Дупница.

-Истрагата ја презема екипа на Националната истражна служба – изјави портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева.
Премиерите на двете земји Стефан Јанев Зоран Заев се на пат на местото на несреќата.

Премиерот Зоран Заев утрово за ТВ21 истакна дека со министерот за здравство Венко Филипче и министерот за надворешни работи Бујар Османи се веќе пред Софија.

Премиерот вели дека се работи за страшна трагедија, а македонскиот автобус се враќал од Истанбул каде граѓаните биле на екскурзија.
-Се случи страшна трагедија на автопатот Струма према Благоевград. Македонски автобус се враќал од Истанбул, Турција – од екскурзија. Трагедијата е на раскрсницата према едно помало место каде што од 53 патници во автобусот 46 се погинати на лице место, а 7 се во болница во Софија. Јас, министерот за здравство, министерот за надворешни работи сме веќе пред Софија, да ги посетиме болните и да дознаеме повеќе за несреќата. Жално е што помали од 18 години се 12 деца а и другите млади, страшна трагедија, огромна трагедија, сочувство за семејствата. Знаеме уште кои се граѓаните, ни потврдија дека се наши граѓани, ни потврдија дека се во добра состојба 7-те души кои се во болница и затоа идеме таму да се информираме за сите детали – вели Заев во изјава за ТВ21.