Три деца загинаа, а седум лица добиле изгореници при експлозија на плинска боца

Три деца на возраст од осум, девет и десет години настрадаа во тешка несреќа што се случи вчера во кумановското село Романовце. Притоа седум лица биле повредени во несреќа предизвикана од експлозија на плинска боца и сите се донесени на лекување на Клиниките во Скопје. Од вкупно седумте пациенти што добиле изгореници при експлозијата, четворица се во тешка состојба, со висок степен на изгореници. Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој беше во посета на повредените пациенти хоспитализирани на КАРИЛ.

– Четворица се сместени во Клиничкиот центар, а тројца во старата градска болница. Од четворицата сместени во Клинички центар, двајца се наоѓаат на Клиниката за пластична хирургија, тоа се двајца мажи на 60-годишна возраст. Две жени на 40 и 45-годишна возраст се во Одделот за интензивна нега на Клиниката за анестезија, реанимација, интензивно лекување. Од тројцата пациенти во старата градска болница, една жена на четириесетина години е во Одделот за интензивна нега, интубирана е на респираторна машина, има помлада жена од дваесетина години, која е бремена, и едно дете, кое има мал процент на изгореници – соопшти Филипче.
Toj додаде дека се преземаат сите мерки на интензивно лекување во старата градска болница, каде што е започната хируршката интервенција за обработка на раните на детето, и оти будно ќе се следи состојбата од експертите од пластична хирургија и од дежурните анестезиолози.

Според претходните информации од медиумите, двете жени што се префрлени на КАРИЛ со изгореници на поголема површина по телото од трет и четврти степен се во животна опасност. Третиот пациент што е во животозагрозувачка состојба е маж на возраст од околу 60 години и тој е сместен на Пластична хирургија, каде што е примен уште еден од повредените, но тој не е во критична состојба. Исто така и една од жените сместени во поранешната градска болница се наоѓа во сериозна состојба.
Министерот Филипче исто така потврди дека на самото место животот го загубиле три деца, а според претходните информации станува збор за деца родени во 2009, 2011 и 2012 година.

Експлозијата настанала во 10 часот во куќата на Ш.А. во селото Романовце, Куманово. Во моментот на несреќата со експлозијата на плинската боца на приземјето на семејната куќа се наоѓале повеќе членови од семејството.
Противпожарната единица интервенирале за гаснење на пожарот.