Фото: МПЦ-ОА

Вселенскиот патријарх покажува грижа за црковното прашање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, вели митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј.

МПЦ – ОА не се впушта во оценка на вчерашните разговори меѓу вселенскиот патријарх Вартоломеј и грчките државни и црковни власти, а по минатонеделната одлука на Светиот синод на Вселенската патријаршија дека „во рамки на нејзините надлежности и прерогативи, ќе биде разгледано и ќе се преземе она што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија“.

– Ние се молиме и се надеваме, а кога ќе се случи тоа, сепак, не зависи само од нас. Вселенскиот патријарх покажува грижа за црковното прашање на МПЦ – Охридска архиепископија и сметаме дека го зема под сериозно внимание да создаде клима прво кај грчкиот блок цркви, а се разбира и кај грчката политика затоа што тој е првоерарх. За ова прашање кое, како што знаеме, е отворено 50 години, прво да ги запознае останатите православни цркви да добие симпатија дека е на прав пат да ги покаже своите ингеренции како првоерарх да го разреши ова жално прашање на Балканот, вели владиката Тимотеј во изјава за Канал 5 .

Она што претпоставуваат дека ќе се случи следно е Вселенската патријаршија да формира комисија преку која би го реализирала разрешувањето на канонскиот статус на МПЦ-ОА.

Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј смета дека политичкото доближување на македонските и на грчките власти сигурно создало позитивна клима за решавање и на црковното прашање, но оти тоа не треба да се поврзува со државното бидејќи како такво постои 50 години.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј вчера по средбата во Атина со грчкиот премиер Алексис Ципрас, нагласи дека тоа прашање е во рамки на канонските обврски на Вселенската патријаршија, да се обидува да ги отстранува расколите каде што постојат и да работи да се постигне сеправославна обединетост и соработка.

Ципрас, пак, ги поздрави напорите на Вселенската патријаршија за решавање на статусот на МПЦ. Тој изрази уверување дека можноста за решение би можело да создаде средина на стабилност и развој на Балканот, нешто што е потребно, како и „добра соработка меѓу два соседни народа, кои во мнозинството имаат православна христијанска вера што е важен елемент што не треба да се занемари“.

Вселенскиот патријарх се сретна и со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и со архиепископот на ГПЦ, Јеронимос.