Синдикатот на Клинички центар од почетокот на пандемијата имаше проактивна улога во хармонизација на односите помеѓу вработените, нивните работодавачи и надлежните институции. Целта беше да се превенираат крајно штетните последици по граѓаните во случај на нарушување на овие односи. И, покрај револтот од недоволната,   несоодветна лична заштитна опрема, отсуството на скрининг тестирања, огромниот број заразени и болни кај вработените, притисокот и стресот на работното место, недоволните човечки ресурси, енормно зголемениот обем на работа и исполнетоста на болничките капацитети, покрај другите чинители и синдикатот со својот пристап придонесуваше во одржливоста и функционалноста на здравствениот систем. Ова стои во соопштението испратено до јавноста од Синдикатот на Клинички центар.

– Одговорните институции јавно ги навредија вработените во здравството за несоодветно и нестручно користење на личната заштитна опрема, во услови на пандемија ги оставија на гласачките кутии наместо на работните места, ги дискриминираа во однос на ковид-19 наградите, селективно и недоволно ги вакцинираа, и им го забранија користењето на годишниот одмор. Јакиот карактер, волја и емпатија, а најмногу силно изразената поддршка и големата благодарност од граѓаните во изминатиот период ја овозможија посветеноста и истрајноста на вработените во здравството во извршувањето на своите обврски и задачи. СДСМ во изборната кампања вети 40% покачување на платите во јавното здравство, односно по 10% секоја година, а кандидатот за претседател на Влада на ДУИ, г-динот Насер Зибери вети плата на медицинските сестри од 600 евра. Овие ветувања имаа големо и директно влијание на изборниот резултат. Синдикатот на Клинички центар очекува нивна реализација, а како првично покачување на основната плата од 10% во првата година од мандатот на владеачката коалиција – стои во соопштението.

Временски ограничениот додаток на плата обезбеден со средства од Светска банка не
е покачување на платите во јавното здравство од 5%, потенцираат оттаму.

– Покачување на основната плата во јавното здравство се врши исклучиво од буџетски
средства, а се исплатува согласно колективен договор. Знаејќи дека изборите се одвиваа во услови на прогласена пандемија, неисполнувањето на ова очекување ќе значи изборна манипулација на гласачкото тело поврзано со здравството или превидени и потценети економски последици предизвикани од пандемијата со ковид-19 – наведува Синдикатот на Клинички центар.

За Синдикатот на Клинички центар навредлив е ставот на најголемата опозициона партија за враќање на медицинскиот кадар со тврдењето дека „пациентите инвестирале во нивно образование, бесплатно ги образувале“. Концептот кој во основниот пристап тврди дека на нашето здравство му треба знаење не е нов и во практиката доживеа целосен неуспех, следствено и континуираната медицинска едукација базирана на таквиот концепт.

– Единствен пристап кој може да доведе до смалување на одливот на докторите и медицинските сестри, како и нивно враќање во јавното здравство е соодветното вреднување на нивниот труд и почитување на нивното достоинство. Политичките чинители не треба да заборават дека вработените во здравството имаат големо влијание во креирањето на јавното мислење – пишува во соопштението потпишано од Извршниот одбор на Синдикатот на Клинички центар.