Иван Чорбев

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) вчера експериментално воведе систем за учење на далечина, со цел да ја одржува наставата безбедно и непрекинато, во согласност со препораките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот. Деканот на ФИНКИ проф. д-р Иван Чорбев го објаснува имплеметирањето на новитетите, предизвиците при нивното спроведување како и очекувањата, во разговор за „Нова Македонија“.

– Почнавме да користиме надградба за учење на далечина која е инсталирана на нашите веќе постоечки системи за менаџирање на учењето. Станува збор за голем предизвик. Не користиме готова платформа, како што е Скајп, бидејќи тие не овозможуваат услови за следење од страна на голема група на студенти. Наставата е интерактивна. Студентите можат да поставуваат прашања, а професорот да го прекине предавањето за да им одговори. Купивме и таблети со посебни пенкала за решавање на задачи. Почнавме експериментално. Одлуката беше заедничка и предвид беа земени повеќе аспекти. Беше потребно системот да се инсталира на дополнителен број на компјутери и да се тестира, да се обезбеди серверски простор, да видиме дали предавањата ќе се емитуваат на стримови или ќе се снимаат. Имаме компјутерски центар кој работи на оптимизирање на системот, а направивме и видео-упаство за студентите. Одиме чекор по чекор – објаснува Чорбев.

Вчера беше одржан првиот час, како и наставничкиот совет преку телеконференција, со што почна воведувањето на новиот систем.

– Вчера го одржавме првиот час, како и наставничкиот совет преку телеконференција. В понеделник очекуваме да одржиме предавање за 150 студенти, да ги воочиме недостатоците и деталите што можат да се подобрат, а веќе од вторник очекуваме целосно да го воведеме системот за да нема загуба во наставата, точно една недела по објавување на мерките на Владата – посочува Чорбев.

Реакцијата на студентите на новиот начин на предавање е позитивна, исто како и на професорите.

– Реакцијата е одлична. Направивме анкета со триесетина студенти кои го следеа првиот час по развој на софтвери за ајфони и 90 отсто од нив се задоволни. Часот прво почна на интернет-пребарувачот Сафари, па потоа се префрливме на Гугл хром каде што наставата се одвиваше подобро. Дел од студентите кажаа дека овој начин е подобар од традиционалните предавања. Има многу проекти, 70-80 предмети, во кои спаѓаат и вежбите и консултациите за 4.500 студенти. Работиме многу внимателно бидејќи има многу предизвици и уште учиме – вели Чорбев.

Деканот на ФИНКИ истакна дека сите одлуки кои се носат се во корист на студентите, со цел да се исполни нивното време и да се спречи ширењето на коронавирусот.

– Под притисок на новонастанатата ситуација го забрзуваме процесот на воведување на системот, иако тој ни е познат од претходно. Не можеме да претпоставиме колку ќе потрае ваквата ситуација. Организирањето на наставата, но и на испитите преставува дополнителен предизвик, бидејќи тие треба да се одвиваат во контролирани услови. Планираме да ја заокружиме наставата до лето, а потоа во зависност од условите да имаме летна испитна сесија, можеби и да воведеме дополнителни сесии. Се носат одлуки од корист на студентите, бидејќи со ваквиот начин на настава ќе имаат можност да го исполнат времето. Тоа би можело да помогне и против ширењето на вирусот – заклучува Чорбев. М.Ж.


Воведувањето на системот не е можно прекуноќ

Од ваквиот систем за менаџирање на учењето корист би можеле да имаат и другите факултети, како и средното и основно образование, но неговото воведување не би било лесно, според деканот на ФИНКИ проф. д-р Иван Чорбев.

– Системот би можел да биде од корист и на другите факултети, како и во средното и основното образование, но неговото воведување не би било едноставно. Ограничени сме, пред се, со човечки ресурси, па би било потребно обучување на кадар, како и дополнителна опрема за студентите и за имплементација на системот, кој не го користат сите. Тука сме за соработка, имаме тенденција да помогнеме, но тоа не е можно прекуноќ – потенцира Чорбев.