Фото: Макфакс

Пандемијата на ковид-19 и мерките кои се преземаат за справување со оваа состојба уште еднаш покажаа дека најсигурно работно место, а со тоа и најсигурна егзистенција, нуди вработувањето во државната администрација и вработувањето во јавниот сектор, рече претседателката на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Слаѓана Тасева.

Транспаренси Интернешнл Македонија и Државната комисија за спречување на корупцијата ја продолжија својата соработка на проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, клиентелизам и кронизам.“

И ДКСК и ТИ- М сметаат дека ова истражување уште повеќе добива на значење во овие денови на пандемија од вирусот ковид-19, кога голем број на вработени ги изгубија своите работни места, а со тоа и своите примања, до степен на загрозена егзистенција која се јавува и како причина за семејно насилство.

Според Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција, во рамките на јавната администрација неопходно е да се воспостават правни, но и практични механизами преку кои ќе се уреди процесот на вработување и напредување.

– Овие механизми мора да се засноваат транспарентност и отвореност на постапките, како и на принципите на вредности со цел да се одберат најдобрите кандидати. Во спротивно, непотизмот и партиската припадност повторно ќе доминира при вработувањето во администрацијата – вели таа.