Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, одговори на прашањето на новинарите за промената на имињата на училиштата во Чаир. Таравари истакна дека промената на имињата требало да се направи порано, со оглед дека ДУИ ја имала оваа можност 18 години.

– Не ги смени имињата на училиштата 18 години, имајќи ја целата власт во нивни раце, како локалната, централната, и сите други инструменти не успеа да ги смени имињата на училиштата. И сега еден месец пред изборите, имињата се менуваат. Аплаудирам на овој потег, иако требаше да се направи многу порано, не сега – рече Таравари.

Тој додаде дека оспорувањето на владејачкиот партнер на ДУИ е неправилно наспроти албанското население, нарекувајќи ги нивните активности политички игри за манипулација.

Таравари, исто така, истакна дека покрај менувањето на имињата, ДУИ требало да се занимава и со училишната инфраструктура, хигиена и условите, така што, како што кажа, албанските училишта не би завршиле во мизерни услови.