Советот на Општината, по предлог на градоначалникот Арбен Таравари, се очекува в четврток да донесе одлука за продолжување на работното време за хотелските објекти за уште два часа, информираат од Општината.

Таравари, како што стои во писмениот допис, предлага, наместо до полноќ, во работните денови работното време да трае до 2 часот, а за време на викендите, наместо до 1, да трае до 3 часот.

– Ваквиот предлог доаѓа во време кога нашите сонародници се во својот роден крај, но исто така и за да може кафулињата и рестораните да работат бидејќи подолг период беа затворени поради пандемијата. Градоначалникот Таравари очекува неговиот предлог да наиде на едногласна поддршка од советниците на седницата в четврток, што ќе биде последна на сегашниот состав во согласност со законот бидејќи се очекува да бидат распишани локални избори и овој Совет, освен за итни случаи, нема да може повеќе да се собере. Доколку предлогот помине на Советот, сопствениците на угостителските објекти нема да бидат обврзани да поднесат барање за продолжување на работното време бидејќи сите институции ќе бидат веднаш известени за новата одлука – стои во соопштението.

Од Општина Гостивар потсестуваат дека минатата година Општината ги ослободи угостителите од плаќање општински такси со цел да ја ублажи финансиската криза што ја претрпе овој сектор од коронавирусот.