Фото: Игор Бансколиев

ДЕСЕТ ГОДИНИ ОД ДЕМАРКАЦИЈАТА НА ГРАНИЦАТА СО КОСОВО

Десет години по демаркацијата на македонско-косовската граница, „Нова Македонија“ на терен го посети планинскиот пограничен регион, кој во минатото ја брануваше јавноста и будеше немили сеќавања од времето на воениот конфликт. И додека сите се согласуваат дека успешната демаркација практично треба да ја симболизира неповредливоста на територијата и да го означува суверенитетот на државата, состојбата на терен и сведочењата на месното население се нешто поинакви. Дали Танушевци беше и остана мекиот стомак на државата?

Денешниот ден, 18 април, има своја симболика во дипломатијата и меѓународните односи на нашата земја. Токму на овој датум пред 10 години беше потпишан протоколот за демаркација меѓу Македонија и Косово, со што и официјално започна разграничувањето меѓу двете земји. Од новинарски агол ваквиот податок беше сосема доволен повод и предизвик да излеземе на терен, да ја обиколиме граничната линија, и секако, да ги прашаме надлежните и месното население со какви предизвици се соочуваат сега и што се сменило во меѓувреме. Дотолку повеќе што токму пограничните места околу Танушевци будат непријатни сеќавања и на конфликтот од 2001 година, кој според тврдењата на многумина, практично, беше увезен од Косово, токму заради незаштитената и необележена граница во тоа време.

Десет години по демаркацијата на македонско-косовската граница, „Нова Македонија“ го посети планинскиот регион, кој плени со својата природна убавина. На 50 километри оддалеченост од Скопје, на границата со Косово и на надморска височина од 1.600 метри се наоѓа селото Танушевци. Тоа сега брои петнаесетина семејства. Од некогашните 50 куќи, поголемиот дел од населението си заминале од родните огништа, откако се иселиле на Косово и во Скопје по случувањата од воениот конфликт. Кога ќе се качите на оваа височина првото нешто што ќе го почувствувате е свежината на воздухот кој е сосема различен воздух од оној во урбаното Скопје.

Веднаш до Танушевци, низ планинските ридови се распрскани селата Брест и Малино Маало. Во сите три села на двете држави живее албанско население. Густата шума и тешкиот планински непрооден терен се погодна средина за непречено и неконтролирано движење на луѓе од двете страни на границата и можност за шверц. Според добро упатените, тука се наоѓаат главните канали низ кои шверцерските групи шверцуваат огревно дрво, добиток и друга стока.

Од центарот на Скопје до Танушевци се стигнува преку општината Чаир, населбата и селото Радишани, патот води преку селото Побожје, викенд-населбата Бродец и месноста Рамно, каде што се наоѓа армиско-полициската касарна.
Во моментот кога пристигнавме до неа таа беше празна, со отворени порти во чиј двор немаше возила, што сугерираше дека полицајците не се присутни или можеби се излезени во обиколка на регионот. Но она што ви паѓа во очи додека возите по планинскиот пат е што одвреме-навреме, на двете страни од патот можеа да се забележат луѓе со моторни пили и паркирани мали камиончиња и товарни возила во кои се товареа исечените гранки и дрва.

Наместа од снежните наноси и во овој период од годината, кога температурите се значително повисоки, сѐ уште се видливи траги од снегот кој никако да се стопи во целост. Тоа само потсетува дека зимава од обилните снежни врнежи патот бил непрооден, а селаните, оние малобројните кои останале тука да живеат, биле отсечени од главниот град и воопшто од цивилизацијата. Со доаѓањето на пролетта и животот на овие луѓе добива поинаква смисла, а освен тоа годинава во Танушевци пристигнуваат и изборите, за кои месното население вели дека тоа е единственото време кога таму пристигнуваат политичарите, но само за да ги донесат изборните материјали, а потоа ги снемувало сѐ до наредните избори. Жителите велат дека на минатите избори гласале за европска држава, а истото ќе го сторат и сега, бидејќи досегашните нивни одлуки кои биле спротивни не им го подобриле животот.

Патувањето до селото се одвива низ живописна природа. На влезот од селото се наоѓа обележје со албанско знаме во чест на борците на ОНА, но од другата страна над селото се гледа македонското знаме каде што се наоѓа караулата Танушевци. Кога пристигнавме во селото нѐ пречека Вели Ќибрие, кој тука живее во првата куќа на самиот влез во селото. Тој раскажа дека тука работи и престојува со својата сопруга и двата сина, каде што одгледуваат добиток и се занимаваат со земјоделство. Ќибрие ни се пожали дека животот е тежок, многу се работи, а од земјоделство малку се заработува. Во разговор со екипата од нашиот весник тој истакна дека политичарите од времето на демаркациите само му ветувале на месното население, а кога се завршила работата во селото ништо не било изградено.

– Тука има само училиште кое го посетуваат малку деца од селото. Но нам ни недостасуваат амбуланта и лекар во селото, ние тука немаме ни продавница ни канцеларии на локалните власти. Јас, еве, поради тоа имам проблем. Сега треба да платам глоба од 800 евра за пресуда за прекршок поради тоа што мојата сопруга е родум од Косово, а нема документи за престој во земјата. Јас сум сиромашен човек, немам многу пари и немам каде да се обратам за мојот проблем. Политичарите доаѓаат, ветуваат и по изборите си одат, а проблемите како мојот никој не ги решава – вели Ќубрие. Потоа се упатуваме кон преостанатите маала во Танушевци. До нив се стигнува по селски пат, обележан со дрвена ограда од левата и од десната страна, покрај кои повторно се наоѓаат куќите на месното население што во најголем дел се сосема празни, бидејќи домаќините се отселиле од тука. Општиот впечаток е дека селото се наоѓа на највисоката точка од планината, а наоколу селскиот амбиент го красат прекрасните планински предели.

Во дворот покрај една стара куќа, оградена со метална ограда, нѐ пречека стар жител на селото. Тој ја покани екипата на „Нова Македонија“ на домаќинско кафе и ни раскажа со какви проблеми се соочува месното население. Тој раскажуваше дека полицијата многу ретко влегувала во селото и токму поради тоа шверцерите минувале од тука, рушејќи им го имиџот на селаните на чесни луѓе кои со труд ги прехранувале своите семејства. Стариот селанец објаснува дека најмногу шверцери можат да се најдат во деновите во средината од неделата, бидејќи тие ги знаеле слабостите на полицијата и во Македонија, но и во Косово, кое е преку ридот, и кога немало никој од „сините“ на двете земји, тие (шверцерите и криминалците) профитирале од случувањата.

Според нашиот соговорник, најдобро се живеело во Танушевци во времето на Југославија, кога обичниот човек можел да заработи да изгради семејство и да го прехрани.

– Државата се грижеше за сите, ни воведоа струја, ни донесоа пат до селото, а сега повеќе тоа не е така. Тука, на пример, не доаѓаат ни од електростопанство, не ни наплаќаат струја. Но тоа не е добро. Јас ве уверувам дека ние селаните ќе си плаќаме, ама тие мораат во домовите да ни стават бројчаници, а низ улиците како во времето на Тито да ни стават бандери – раскажува селанецот.
Сега, според него, животот во овој крај е многу тежок, а новите генерации не сакале да се мачат и бегале од селото. Тој истакна дека токму поради ова селото замира, младите се отселуваат, а за десетина години може тука и да не живее веќе никој, освен шверцерите и дрвокрадците кои сигурно ќе ја злоупотребат ситуацијата во отсуство на месното население.

Според него, шверцерите со добиток крстосувале во селото. Тие купувале стока во Македонија, бидејќи била поевтина и потоа низ дивите шумски патеки ја носеле на Косово.

Движејќи се низ селото патот нѐ однесе до домот на 50-годишниот Шаќири. Тој вели дека со задоволство се сеќава на демаркацијата пред десетина години, бидејќи тој лично со раце пренел и поставил еден од граничните камења по должината на нашата граница. Шаќири гордо вели дека самиот учествувал во битниот државен процес кој се одвивал во селото во 2008 година.
Поранешниот командант на ОНА од Танушевци, Џезаир Шаќири алијас командант Хоџа, кој во јавноста изминатиот период беше споменуван како советник на премиерот Зоран Заев за безбедност и екстремистички и радикални групи, раскажува дека за време на демаркацијата во 2008-та, тука во селото пристигнал поголем дел од тогашниот државен врв на Македонија, Косово, Албанија, како и претставници на американската амбасада.

Хоџа се потсетува дека тогаш политичарите од него побарале да им помогне да ги елиминира проблемите и да придонесе за да се спроведе прашањето на демаркацијата, што било во интерес на регионот.
– Ние тогаш го дадовме нашиот придонес за да докажеме дека не сме криминалци и дека сакаме мир, и поради тоа сѐ се заврши успешно – ни раскажува Хоџа.
Според Хоџа, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ тогаш во Танушевци испратиле четири министри, таму бил и Бујар Османи, кој може да посведочи.
– Тогаш се договоривме да ја отворат границата, но тоа никогаш не се случи. Ние баравме да се исполнат некои барања, да се отвори амбуланта, да се градат патиштата. Но нѐ лажеа како и секогаш – ни изјави Хоџа.

Тој истакна дека Антонио Милошоски како тогашен министер за надворешни работи го молел преку телефон и му рекол дека не му пречи што бил бунтовник, а сега откако станал советник на Заев, истиот политичар го обвинувал јавно дека некогашниот командант на ОНА станал советник. Во меѓувреме, месното население што го сретнавме на терен раскажува дека и покрај сите случувања што оставиле последици и траги врз жителите на Танушевци, во ова село сѐ уште само се прават обиди животот да се нормализира, иако поминале години по демаркацијата и кризата во земјата. Селаните велат дека имаат и идеи и волја да работат, но велат дека некој треба сето тоа добро да го осмисли и да им помогне, државата треба да ги послуша нивните молби. Во меѓувреме, во текот на вчерашниот ден се обративме и до МВР од каде што побаравме податоци за дејствувањето на полицијата во обезбедувањето на пограничниот појас во Танушевци и околината, но до затворањето на денешното издание не добивме одговор. Во исчекување на одговорите останува за состојбите да сведочи само месното население.

[email protected]