Унапредување на капацитетите на здравствените работници и воспоставување на модерни системи за градење на тие капацитети, како и воведување на најсовремени протоколи и стандарди на СЗО за водење на бременоста и породувањето со цел намалување на смртноста кај новороденчињата и мајките, се дел од активностите кои во Македонија ги спроведува Фондот за население на ОН. 

Соња Таневска помошник – претставник на Канцеларијата на УНФПА во интервју за МИА посочи дека  во делот на заштита на мајчиното здравје и намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата постои недостаток на човечки ресурси

– Она што може да се забележи е дека има недостаток на човечки капацитетите и оти Министреството за здравство работи на нови вработувања во болниците – сестри, лекари.. Меѓутоа, она што ние сакаме да го поддржиме е унапредување на капацитетите, на знаењето, праксата, она што докторите го знаат и воспоставување на модерни системи за градење на тие капацитети. Нашите лекари се сепак едуцирани, добри специјалисти и луѓе кои постојано работат, но науката оди постојано напред и најновите постигнувања треба да бидат применети во нашата земја. Токму поради тоа ја носиме таа техничка помош, со која наши лекари одат во странство, а едукатори од други земји доаѓаат кај нас- вели Таневска.

Таа како пример ги посочува активностите во областа на цервикалниот канцер, каде последните две години се работело на сосема нов протокол на скринининг што ќе овозможи рана детекција и спречување на ширење на болеста, оти, посочува, токму откривање на болеста во подоцнежниот стадиум е причина за лошиот исход по здравјето на жената.

– Во однос на мајчиното здравје се применуваат најновите пристапи на СЗО за водење на бременоста и породувањето и како да се подобри здравјето и учеството на жената во породувањето, но и на целото семејство, а со цел да има подобар исход и за родилката и за новороднечето. И во овој дел се работи на едукации, модули, како и на т.н. on the job обуки (во текот на самото породување заедничка работа на домашните со странски експерти) заради унапредување на праксата. Она што ние го пропагираме е методологија на СЗО за унапредување на исходот од породувањето за мајката и новороденчето преку унапредување на соработката помеѓу педијатрите, гинеколозите и сестрите кои што работат во родилиштата, посочува Таневска.

Новиот Договор со Министерството за здравство, нагласува таа, е токму за оваа тема.

– Тоа е пилот-проект, што се спроведува во Клиниката за гинекологија како најголемо родилиште во државата и родилиштето во Тетово, а потоа треба да се примени и во другите болници. Целта е да се изработат протоколи и пракси кои би можеле да послужат за учење и за другите родилишта во земјата. Проектот, во кој е вклучена и блиску соработуваме со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените услуги, треба до крајот на годината да резултира со нови предлог-стандарди во родилиштата, а да почнат да се работат стандардите во примарното ниво на гинеколошка пракса,- истакнува Таневска во пресрет на одбележувањето од страна на УНФПА на 11 Јули – Светскиот ден на населението.