Новината за тандем наставници по физичко образование што ја најави министерот Адеми, следува по пишувањата на „Нова Македонија“ дека е потребно вакво нешто за правилен развој на учениците во клучните години од основното образование

Учениците од прво до петто одделение, од септември на часовите по физичко образование ќе имаат по двајца наставници – освен одделенскиот, и неговиот колега по физичко образование. Оваа новина ја најави министерот за образование и наука Арбер Адеми, а следува по пишувањата на „Нова Македонија“ дека е потребно вакво нешто за правилен развој на учениците во клучните години од основното образование.
Адеми најави повеќе новини, кои ќе бидат дел од Законот за основно образование.

– Учениците во основно образование ќе се организираат во ученички парламент. Парламентот ќе има претставници во училишниот одбор и ќе дава свои предлози за активности, за ученички екскурзии, како и предлози за ученичкиот стандард. Ќе има измени и во однос на храната во училиштата. Нутритивниот квалитет ќе го утврдува Центарот за јавно здравје, а за неправилности ќе се известува Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Друга новина е тоа што ќе биде овозможено домашно образование за децата, кои поради болест се отсутни повеќе од три недели од наставата. Учениците нема да учат во саботите. Нема да има и намалување на бројот на часовите. Новина е тоа што учениците од прво до петто одделение покрај одделенскиот наставник, на часовите по физичко ќе имаат и наставник по физичко и здравствено образование – рече министерот Адеми.

Намалување на бројот на наставните денови нема да има бидејќи учениците имале 900 часа помалку од нивните врсници во земјите-членки на ОЕЦД. Новина ќе биде и тоа што министерот, по предлог од Бирото за образованието, ќе утврдува национални стандарди базирани на компетенции што учениците треба да ги стекнат и усвојуваат на крајот на секој период од основното образование во подрачјата: јазична писменост, изучување други јазици, математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемаштво и уметничко изразување, култура и мултикултура.
Новини ќе има и за наставниците. Ќе имаат можност за кариерен развој, унапредување на приправничкиот стаж, но и платен зимски распуст.


Адеми незаконски унапреден во доцент, отворена постапка пред антикорупциската комисија

Министерот за образование и наука Арбер Адеми незаконски бил унапреден во доцент на Правниот факултет во Тетово, во периодот кога бил заменик-претседател на Владата за европски прашања, дознава „Нова Македонија“. Државната комисија за спречување корупција води постапка за овој случај. На прашање од „Нова Македонија“ во врска со ова, Адеми рече дека се почитувани сите законски прописи, но ако има неправилности, институциите да постапат.
– Јас не сум контактиран од ниедна институција во врска со незаконски избор во доцент. Постапките за избор во доцент се воделе од страна на универзитетот, кандидатите си аплицираат – рече Адеми.