Фото: Игор Бансколиев

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) остана без пари за следната година, откако со амандман во Собранието парите за оваа институција беа пренаменети за изборите во 2020 година.

– Со загриженост и неверување ја примивме информацијата дека на седница на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија едногласно е изгласан амандман на буџетот на државата за 2020 година со кој финансиските средства предвидени за Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) се пренаменуваат за друг буџетски корисник, поточно за спроведување на предвремените парламентарни избори – се вели во реакцијата од оваа институцијата.

Од таму истакнуваат дека се работи за флагрантно прекршување на законот, што повлекува и кривична одговорност.

Од СЈО нагласуваат дека доколку се има предвид оти со амандманот се одземаат сите средства наменети за намирување на тековните обврски на ова Јавно обвинителство, во отсуство на одговорно лице, се поставува прашањето како ќе се сервисираат обврските до истекот на законскиот мандат на оваа институција и каква порака се испраќа до професионалците кои одлучиле да се борат против високата корупција.

– Во оваа насока апелираме доследно да бидат почитувани законските одредби и предложениот незаконски амандман, којшто задира во автономноста и финансиската независност на ова Јавно обвинителство, да биде повлечен – бараат од специјалното обвинителство.