Фото: Маја Јаневска-Илиева

И додека има застој во процесирањето на предметите што ги отвори специјалното јавно обвинителство (СЈО) поради неговиот нерешен статус, државната каса и понатаму е отворена за овој орган, бидејќи во буџетот за следната година за него се определени 3,7 милиони евра, исто колку што беа и за оваа година. Парите се предвидени за плати на вработените во СЈО, за стоки и услуги. По многубројните реакции во јавноста, од Министерството за правда појаснија дека Министерството за финансии е должно да ги предвиди средствата во согласност со барањето што Катица Јанева го доставила до него додека беше на функцијата главна специјална обвинителка.

– Ако тие средства се изгласаат во Собранието, без амандмански интервенции, ќе му припаднат на јавното обвинителство – рекоа од Министерството за правда.
Сепак, според експертите, тоа е уште една недозволива ситуација.
Професорот Јове Кекеновски вели дека вакви парадокси може да се случуваат само во Македонија, да се одвојуваат пари на граѓаните за потреби на институции што не постојат веќе. Според Кекеновски, ова е класично честење со народните пари.

– Прво е апсолутно нечесно за граѓаните на оваа држава во буџетот за следната година да се предвидуваат средства за институција што не функционира. Со ова се докажува дека СЈО функционира единствено во буџетот, а не во стварноста. Можеби таа институција има одредени обврски што треба да ги исплати кон вработените или надворешните соработници, односно услуги или слично, но ова не е начин да се направи тоа. Дури и да се вметнат овие трошоци во идниот буџет, треба детално да се наведе за што точно ќе се користат парите. Иако во таа поранешна институција имаше и чесни луѓе, сепак овој чекор на поранешната прва обвинителка токму пред нејзиното заминување во притвор е доказ за нејзиното расипничко однесување за време на нејзиниот мандат во СЈО – подвлекува Кекеновски.

Инаку, не само во истрагите туку застој има и во преговорите меѓу власта и опозицијата за законот со кој би се решил статусот на СЈО. Од друга страна, пак, во предметите и истрагите на СЈО се опфатени и некои од функционерите што преговараат за овој закон. Во исто време, сѐ погласни се критиките на тоа што од најразлични причини во суд се одолжуваат дури и започнатите судења, а голем дел од нив е вратен на почетокот. Последни бурни реакции во јавноста предизвика завчерашната вест дека е застарено делото на бившиот премиер Никола Груевски во случајот „Траекторија“.
Во меѓувреме, во специјалното обвинителство се вработени 90 лица, а обвинителите, на кои мандатите им завршуваат во септември следната година, се прераспоредуваат на нови задачи во редовните обвинителства.

[email protected]