Високите температури, исто како и ниските, влијаат врз општата здравствена состојба кај граѓаните. Меѓутоа, топлото време предизвикува зголемен морталитет кај ранливите категории граѓани меѓу населението. Најпогодени се старите лица, хронично болните, доенчињата и работниците на отворено

Топлотни удари, топлотни грчеви, функционални нарушувања на централниот нервен систем, се само некои од симптомите што ги предизвикува топлото време дури и на крајот на август, поради што на граѓаните им се советува и понатаму да се придржуваат до препораките што на својата интернет-страница ги објави Институтот за јавно здравје.

Високите температури, исто како и ниските, влијаат врз општата здравствена состојба кај граѓаните. Меѓутоа, топлото време предизвикува зголемен морталитет кај ранливите категории граѓани меѓу населението. Најпогодени се старите лица, хронично болните, доенчињата и работниците на отворено.

Во препораката се вели дека во периодите од десет до 17 часот, граѓаните треба да избегнуваат напорна физичка работа во која спаѓаат и спортот и рекреацијата.

– Носете светла облека, затоа што светлите бои ја рефлектираат светлината, а при директна изложеност на сонце, носете заштитни очила и капа. Останете во климатизирани простории, на температура од 23 до 15 степени – стои во препораката.
Исто така, се советуваат граѓаните, во текот на денот прозорците да ги држат затворени, а ролетните спуштени за да се избегне влегување на топлиот воздух однадвор.

– Внесувајте големо количество течности, не чекајте да бидете жедни. Пијте вода и минерализирани безалкохолни пијалаци. Одбегнувајте алкохол и пијалаци што содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци. Внесувајте помало количество храна и избегнувајте мрсна и висококалорична храна, како и храна со големо количество шеќер – стои во соопштението.

Доколку, сепак, некој мора да биде на отворено, мора да обезбеди чести одмори под сенка и колку што може да избегнува директен престој на сонце.

Доколку, сепак, некој од граѓаните доживее топлотен удар, проследен со зашеметеност, вознемиреност или има интензивна жед и главоболка, треба да побара помош, да се премести на постудено место колку што е можно побрзo и да ја измери телесната температура.

– Веднаш напиjте се вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате. Ако имате болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на студено место и напијте се течност што содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час. Консултирајте се со својот доктор доколку почувствувате невообичаени симптоми или ако симптомите траат подолго време – препорачуваат од институтот.

Топлото време може да биде и причина за стомачни и цревни заболувања, како и за труења со храна. Затоа, пред употреба, задолжително е овошјето и зеленчукот темелно да се измијат. Термички приготвената храна веднаш да се консумира. Ако не се направи тоа, приготвената храна да се стави во фрижидер на четири степени, а пред употребата да се загрее на плус 100 степени Целзиусови. Исто така, потребно е да се избегнуваат производи што термички не се обработени и посебно да се внимава при консумирање сладолед и разни кремови – наведено е во препораката на ИЈЗ.