Фото: Архива

Според докторите на Клиниката за инфективни болести, најголем проблем е што за време на викендите матичните лекари не работат, не им се достапни на пациентите, па сите оние што имаат симптоми доаѓаат таму и се создава дополнителен метеж

Четириесет и седум пациенти со симптоми на грип се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје, информираа вчера оттаму. Иако сите пациенти не се со компликации, сепак, како што велат докторите од оваа здравствена установа, изминатиот викенд бројот на заболени се зголемил, односно во текот на викендот биле прегледани 38 нови пациенти со симптоми на грип. Грипот најмногу компликации пројавува кај повозрасните лица, како и кај оние што имаат хронични болести и опаднат имунитет.

– Има двајца пациенти што се со компликации од грип, а еден е на интензивна нега – посочува докторката Сања Петрушевска Маринковиќ од Клиниката за инфективни болести.

Според неа, најголем проблем е што за време на викендите матичните лекари не работат, не им се достапни на пациентите, па сите оние што имаат симптоми доаѓаат кај нив и се создава дополнителен метеж.
Инаку, меѓу заболените најмногубројни се основците и средношколците, а освен училиштата, испразнети се и градинките.
Минатата недела имаше 17 пациенти хоспитализирани на Клиниката за детски болести, од кои две деца беа со потешка форма на бронхопневмонија од компликации со грип. Од компликации од грип минатата недела почина 13-годишно девојче, кое, според надлежните од Детската клиника, имало хронична болест, енцефалопатија и церебрална парализа.

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, за претходната недела биле пријавени 3.614 случаи на заболени со грип.
Докторите посочуваат дека за разлика од настинката, грипот започнува изненадно, односно се јавуваат силни болки во мускулите и зглобовите, треска, висока телесна температура, сува кашлица, болка во очите и главоболка.
Во Србија веќе е прогласена епидемија на грип поради големиот број заболени.