Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пандемијата создаде страв од банкрот,
па за многумина купувањето стан е ризично

Од агенциите за недвижности потврдуваат дека е тренд младите луѓе да живеат под кирија и најчесто тие бараат станови за изнајмување, а многу помалку за купување. Во зависност од местоположбата, големината на становите, колку се тие опремени и уредени, цените за изнајмување стан од педесетина квадратни метри, какви што и најчесто се бараат, се движат помеѓу 200 и 350 евра

Сѐ повеќе млади луѓе што имаат намера да стапат во брак или, пак, млади брачни двојки што не сакаат да живеат во заедница со родителите, а не се во можност да си купат стан, се решаваат за живот под кирија во изнајмени и наместени станови со сета потребна покуќнина, бела техника и мебел. На повеќето од нив размислувањата им се дека работните места им се несигурни, а финансиската несигурност, пак, не им дозволува да се решат за купување стан, кој треба да го отплаќаат дваесетина и повеќе години. Оние двојки, пак, што сакаат да пробаат најнапред живот во предбрачна заедница исто така не сакаат да ризикуваат. Во зависност од местоположбата, големината на становите, колку се тие опремени и уредени, цените за изнајмување стан од педесетина квадратни метри, какви што и најчесто се бараат, се движат помеѓу 200 и 350 евра. Од агенциите за недвижности потврдуваат дека е тренд младите луѓе да живеат под кирија и најчесто тврдат дека бараат наместени станови, а многу помалку празни. Но не секогаш станови се бараат преку агенциите, бидејќи за многумина подобра опција се пријателските или роднинските врски за постигнување и поприфатлива цена за кираџиите. Се бараат станови и преку огласите на социјалните мрежи.
– Сѐ повеќе и повеќе доаѓаат млади двојки, кои се вработени во приватни фирми и имаат некакви пристојни плати, бараат да изнајмат наместен стан. Најчесто избираат локација што им е близу работните места, за да заштедат за превоз. Станува збор за млади двојки без разлика дали се во брак или не се. Велат дека сакаат најнапред да заштедат, а потоа кога ќе им дојде принова тогаш размислуваат за купување стан.

Цените не се менуваат многу и сѐ зависи од големината на станот, во која населба се наоѓа, дали е во стара или во нова зграда, дали е помодерно опремен или не и слично, но најважно е да има кујна со шпорет, фрижидер, бања со машина за перење. Ако зборуваме за Скопје, најбарани се становите во Карпош, Тафталиџе, Кисела Вода и во Центар, а цените се движат помеѓу 200 и 250 евра месечен надомест само за кирија. Повеќе се бараат опремени станови отколку празни и се претпочитаат станови во понови згради за да немаат структурни поправки. Во основа и оние што издаваат станови и оние што ги изнајмуваат бараат некој прифатлив период од една година да не се иселуваат, со можност во самите договори да се обврзат за отказен рок од триесет дена. Најбарани ни се становите од 40 до 50 квадратни метри, со една спална, а пандемијава создаде еден друг концепт на барања, станот да има дворче ако е на први кат или да има балкон – вели Диме Јованов, вработен во една поголема агенција за недвижности.

И во една друга агенција потврдуваат дека во глобала се бараат наместени станови, многу повеќе отколку празни, за кои најчесто пак се заинтересирани семејства, но тоа е, велат, поретко.
– Во суштина млади двојки доаѓаат да бараат наместени станови и како што дознаваме, почнуваат некој предбрачен живот и имаат некои стандардни примања, ама не се стигнати до фаза да купат заеднички стан, кој на долг рок треба да го отплатуваат, иако можеби месечната рата за станбениот кредит ќе им биде колку што е и месечниот износ за кирија, околу 200 евра. Најмногу се бараат становите до педесетина квадратни метри и изнајмувањето на станот, во зависност од локацијата, од староста на зградата, од опременоста, чини од 250 до 350 евра. Пандемијава создава страв, што ако едниот од двајцата остане без работа, кој тогаш утре ќе ги плаќа месечните рати за станот, па оттаму двојките повеќе се решаваат за изнајмување наместен стан – вели Светлана Ристовска, исто така вработена во агенција за недвижности.


Како се движат кириите за стан во странство

Изнајмувањето стан од педесетина квадратни метри во земјите во светот изнесува колку што е и просечната плата, велат оние што имале искуство со живеењето во изнајмен стан. Велат дека договорот го склучуваат со агентите за недвижности, кои однапред им бараат на кираџиите депозит за една година и платена кирија за една година живеење во станот. На крајот од годината, агентот им го враќа депозитот доколку не треба од него да наплати за нешто што е оштетено во станот. Висината на кириите исто така зависи од местоположбата, од локацијата каде се наоѓаат, од тоа како се уредени и слично. На Малта на пример, стан од педесетина квадратни метри може да се изнајми од просечна цена од 500 евра, па до 1000 евра доколку е во центарот на Валета. На островот Гозо, според оние што живееле таму, стан може да се најде и за 300 евра месечна кирија. И во Германија овие станови од педесетина квадратни мери можат да се закупат од 1.000 до 1.200 евра доколку не се најде нешто поевтино на одредени локации. Во Шведска, на пример, за стан од 50 квадратни метри и отказен рок од три месеци, зависно од тоа во кој град и во кој дел од градот, стан под кирија чини од 6.500 шведски круни до 20.000 шведски круни или од 650 до 2.000 евра. Во главниот град на Шведска, за истата квадратура, цените се највисоки и достигнуваат до 2.500 евра.