Фото: Дарко Андоновски

Додека научниците предвидуваат дека поради климатските промени ќе дојде до забрзано топење на мразот на Гренланд и на Арктикот, што на глобалното ниво ќе доведе до пораст на нивото на морињата за цели два метра до 2100 година, во Македонија климатските промени се чувствуваат преку долготрајната суша, која ги намали нивоата на реките, езерата и акумулациите

Климатските промени сè повеќе се чувствуваат насекаде низ светот, па ниту Македонија не останува имуна на глобалните климатски случувања. Периоди со долги суши, па врнежливи периоди, нагли температурни промени станаа секојдневие на овие простори, а временските непогоди почнаа да добиваат интензитет. Интензивни електрични празнења, налети на силен ветер, дожд со песок од Сахара, пороен дожд во кратки интервали и на ограничени подрачја, се појави што стануваат сè поприсутни на овие простори.
Неодамна ветер со брзина на ураган беснееше во Загреб, додека во Романија се формираше и торнадо. Делови од Балканот беа зафатени со циклони што донесоа снежни врнежи и обилни дождови, што потоа резултираа со излевања на реките и поплави.

И најновата долгорочна прогноза на метеоролошкиот сервис „Акуведер“ предвидува нестабилно време на целиот Балкан во текот на претстојното лето. Прогнозите на овој сервис се дека времето ќе биде нестабилно со силни невремиња проследени со интензивни електрични празнења, силен ветер и поројни дождови.

– Овие бури ќе донесат голем број молњи, поплави, оркански ветришта и град. Најсилните бури би можеле да доведат до формирање торнада. Ваквите невремиња најмногу се очекуваат во попладневните и вечерните часови – велат метеоролозите од „Акуведер“.

Уште едно истражување на научниците предупредува на последиците од климатските промени, што директно ќе се одразат врз населението на целата планета.
Имено, научниците предвидуваат дека поради климатските промени ќе дојде до забрзано топење на мразот на Гренланд и на Арктикот, што ќе доведе до пораст на нивото на морињата за цели два метра до 2100 година. Нивното истражување беше објавено во списанието „Зборник на трудови на Националната академија на науките“.

– Под влијанието на човековите активности се очекуваше глобално затоплување на целата планета Земја. Тоа нема да биде еднакво во сите нејзини делови. Најголемото затоплување ќе биде во поларните области. Таму и сега почнува да станува видливо топењето на глечерите и на мразот. Во наредниот период ќе зачести појавата на природни катастрофи поради глобалното затоплување и климатските промени, топлотните и студени бранови. Сушите и интензивните дождови, како и силните и разорни дождови ќе бидат честа промена во светот и кај нас – вели Пеце Ристевски, климатолог и метеоролог.

Додека во соседството надлежните ги презедоа сите мерки да спречат поплави, во Македонија климатските промени се чувствуваат преку долготрајната суша, која ги намали нивоата на реките, езерата и акумулациите.

Поради сушата, земјоделците стравуваат за своите посеви, а поради ниското ниво на вода во акумулациите постои загриженост и околу наводнувањето на земјоделските површини, но и на производството на електрична енергија.

– Од податоците што ги имаме, може да се заклучи дека нивоата на водите во земјава се потпросечни за овој период. Очекуваме во наредниот период да се јават нови врнежи, по што ќе се знае состојбата. Ако нема врнежи во претстојниот период, нè очекува сушно лето – вели Васко Стојов, раководител на Одделението за хидрологија на површински води при УХМР.

Синоптичарите велат дека климатските промени се случуваат секаде, така што и кај нас доаѓа до промени на времето.

– Секоја година времето е различно. Овој период имаме чести пробиви на студена воздушна маса, па затоа и температурите се пониски. Ниту во следниот период не очекуваме стабилизирање на времето, но очекуваме пораст на дневните температури – вели Ивана Петровиќ, синоптичарка при УХМР.

Таа, коментирајќи ги најавите на „Акуведер“ за можна појава на торнада на овие простори, вели дека во Македонија не треба да се стравува од вакви појави бидејќи релјефот не го дозволува тоа.

– Романија е подрачје каде што се јавуваат торнада бидејќи има големи рамни површини. Кај нас тоа не е случајот, бидејќи релјефот е претежно планински. Во некои порамни делови не се исклучува можноста за појава на мини-торнадо, но тоа не е воопшто опасно, го имало и во минатото – додава Петровиќ.

Од УХМР очекуваат трендот на зголемување на температурата да продолжи, со оглед на зголемените концентрации на стакленички гасови.

– Можно е просечните месечни температури при преодот помеѓу зима и пролет да се израмнат во овој период. За периодот помеѓу 2025 и 2100 година се предвидува пад во врнежите, во сите годишни времиња и на годишно ниво, а најголемо намалување ќе има во текот на летото.

Интензитетот на промените е најголем во најтоплиот дел од годината (во јули и август, можеби и воопшто нема да има врнежи). Исто така, во студениот период од годината се предвидува намалување во врнежите од дури 40 отсто од просечните месечни количества – предвидуваат во УХМР.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]