„Известување за правдата: патоказ за унапредување на судско-медиумските односи за судии и новинари“ е темата на расправата на дводневната работилница што во организација на Здружението на судии на РМ и Амбасадата на САД во Македонија се одржува во Охрид.

Дејвид Стивенсон, експерт по право од Американската амбасада, во обраќањето пред судиите и новинарите учесници на работилницата нагласи дека главна валута во секојдневно работење и кај судството и кај медиумите е довербата, како главен фактор што гради кредибилитет, како во работењето на судиите при донесувањето одлуки, така и кај новинарите при нивното известување.

Тој посочи на статистичките показатели за ситуацијата во Македонија што укажуваат на ниско ниво на доверба во медиумите и судството, оттаму и иницијативата за организирање на форумот во Охрид како можност за подобрување на таквите состојби преку презентација на позитивни практики на правни и медиумски експерти од САД.
– За да се зајакне и одржи довербата кај судството, тоа мора да биде отчетно, транспарентно и одговорно, а пристрасноста, арбитрарноста, несоодветното политичко влијание треба да се избегнуваат… Секое отворено и успешно јавно судење ја зајакнува легитимноста на целиот систем и создава чувство на доверба во општеството. Правичните и јавни судски процеси и независното и некорумпирано судство во практиката создаваат ефект кај јавноста да верува во идејата за постоење правда – истакна меѓу другото Стивенсон, нагласувајќи дека јавноста постојано следи дали судиите и новинарите ги почитуваат стандардите што тие ги очекуваат и оправдано ги бараат од нив.

Нетранспарентноста и затвореноста на судскиот систем во РМ беа посочени како во извештаите на Прибе така и на ЕК, па оттаму потребата од детектирање клучни пречки и предизвици како да се надминат бариерите што постојат во областа, од аспект на информирање за сите важни прашања што се случуваат во судскиот систем.

– Јавноста и медиумите ги интересираат конкретни предмети, постапката и начинот како се води процесот и, на крајот, донесувањето на судските одлуки, што е особено важно прашање за тоа како се имплементираат законите. Иако Законот за судови и Судскиот деловник ги регулираат тие прашања, сепак човекот е главната пречка што буди одредени сомнежи – рече Лазар Нанев, судија од Основниот суд во Кавадарци.
Тој укажа на потребата од соработка на судовите и медиумите, со оценка дека можеби главно прашање за кое би требало да се разговара е тоа како одредена информација би требало да се пласира во јавноста, колкав би бил идеалниот опсег на изнесување детали во самите информации што би се објавувале во медиумите.

Што се однесува на транспарентноста на судските инстанци, Нанев нагласи дека при изнесување детали во врска со одреден предмет мора да се води сметка за приватноста, да не се изнесуваат податоци што би можеле негативно да влијаат врз личноста на обвинетиот и другите учесници во постапката.

– Од друга страна, се наметнува прашањето на балансот, дали поширокиот јавен интерес е од поголемо значење за сметка на заштитата на приватноста, особено по предметите што моментално се водат од СЈО и Одделот за организиран криминал при Основниот суд Скопје. Токму тука ќе се разговара за тоа колкав е тој процент на баланс што би се спроведувал во одредена ситуација, но водејќи сметка за почитување на законите – забележа тој.

Според претставниците на правосудниот систем, граѓаните на РМ најмногу забелешки имаат на ефикасноста, ажурноста на судството и квалитетот на самите судски одлуки, а многу малку се интересираат за прашањето на организациската поставеност и финансиската независност како прашања што директно се поврзани со судскиот систем.