Судии, јавни обвинители и претставници од релевантни институции денеска во Скопје учествуваа на работилница на тема „Факторингот според законската рамка“.

Работилницата беше организирана од Академијата за судии и јавни обинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Проектот на УСАИД за факторинг, а има за цел да ја подобри имплементацијата на факторингот и да го подобри законското и регулаторно опкружување, кое им овозможува на малите и средни претпријатија да работат со ефикасност, транспарентност и поголем пристап до алтернативни финансиски решенија.

Пред присутните се обратија директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, директорот на Проектот на УСАИД за факторинг, Ловре Ристевски, а излагање на наведената тема имаше и експертот за факторинг од Хрватска, Борис Абрамовиќ.

Пред учесниците на работилницата беше посочено дека скоро и да не постои компанија која не се соочува со финансиски проблеми, потешкотии при наплата, кратки рокови за исплата, авансно плаќање, одложена наплата. Сето тоа го носи современиот начин на соработка меѓу компаниите, што наметнува користење на финансиски инструменти преку кои ќе може да се постигнат повеќекратни ефекти во корист на двете страни. Факторингот е еден од тие инструменти што може да биде од голема помош за лицата задолжени за управување со финансии во компанијата.

Во литературата има повеќе дефиниции за тоа што е факторинг, а една од нив вели дека факторингот е продажба на краткорочни недоспеани побарувања на факторот (финансиска институција што ја нуди услугата) за одреден дисконт, а доспеаните средства се користат за финансирање на останатите деловни активности.

Главната цел на проектот е да се зголеми пристапот до можностите за финансирање и да се подобри ликвидноста на малите и среди претпријатија.