Откога општината Битола деновиве целосно го поништи претходното решение за легализација на планинарскиот дом „Копанки“, како сопственост на ПСК Пелистер, револтираните планинари најавуваат дека ќе поведат судска постапка

Кога се мислеше дека по усвојувањето на жалбата на ПСК Пелистер, во врска со донесеното решение на општината Битола за делумно поништување на решението за легализација на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер случајот се ближи кон својот крај, тој, по сѐ изгледа, уште повеќе ќе се заплетка и повторно ќе се врати на почеток.
Имено, деновиве општината Битола донесе ново решение, со кое целосно го поништува претходното свое решение, со кое планинарскиот дом „Копанки“ беше легализиран, кога градоначалник на Битола беше Владимир Талески. Ваквото решение е донесено по повторниот увид во евиденција на општината и во списите во предметот, направено по службена должност. Надлежниот орган на општината пронашол дека неправилно било утврдено правото на сопственост, односно дека ПСК Пелистер не бил имател или сопственик на бесправниот објект и поради тоа не можел да биде подносител на барање за утврдување на неговиот правен статус. Во правната поука на решението, потпишано од градоначалничката Наташа Петровска, на ПСК Пелистер му се дава можност за жалба до Министерството за транспорт и врски во рок од 15 дена.

Ваквото ново решение на општината предизвика нов револт кај членовите на ПСК Пелистер.
– Со ова решение, општината самата себе си пука в нога и го поништува претходното свое решение. Со најновото решение општината Битола едноставно сака, по пат на политичка моќ и сила, не само да ни го одземе домот туку и да го укине ПСК Пелистер, клуб со најсветла осумдецениска традиција, кој е бренд не само на Битола туку и во државата. Ние имаме комплетна документација дека „Копанки“ е наш дом. За тоа поседуваме документи дури од 1936 година, издадени од Архивот на Југославија, додека општината Битола нема никаков документ со кој може да ни го одземе објектот. Сето тоа се прави само за да нѐ спречат да го реновираме домот. Но мислам дека правдата е на наша страна и дека таа ќе победи. Ние немаме намера да се откажеме од домот зашто тоа им го должиме на илјадници планинари и планинарски работници што ги вградија своите животи во неговата изградба и одржување. Тој е наш од 1936 година и наш ќе остане – истакна во изјавата за „Нова Македонија“ претседателот на ПСК Пелистер, Диме Попов.

На ваквата изјава возврати градоначалничката Петровска.
– „Копанки“ е нешто што им припаѓа на битолчани и по ниту една основа нема да дозволам да помине незаконитоста што била направена. Без разлика на политичката цена, нема да попуштам. Не поради каприц, туку затоа што градењето одговорност и култура во оваа држава треба да создаде наше нормално однесување. Никој, ама баш никој не може да го става како заложник народот за лични интереси – нагласи градоначалничката Петровска.

Сега, по донесувањето на најновото решение на општината, едно е јасно, дека за судбината на „Копанки“ ќе се одлучува во судските инстанци и дека дотогаш домот не ќе може да се реновира, на разочарување не само на планинарите туку и на сите љубители на планината.
Интересно е што никој од општинската администрација не презел никаква одговорност за претходното решение, со кое домот беше легализиран и даден во сопственост на ПСК Пелистер.