Уривањето на дивоградбите во Охрид ќе почне во текот на септември, а уривање ќе има и на Матка, но откако ќе истечат законските рокови за жалби по поднесените барања за легализација на дивите платформи, најави во интервју за „Макфакс“ министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Тој објасни дека Охрид врши сериозни подготовки за акцијата за уривање.

-Освен тоа што прогласи мораториум за градење, Охрид веќе избра фирма која што ќе урива, предвиде средства за уривањето во висина од 1,5 милион денари и прави динамичен план за уривањето. Приоритет ќе имаат дивоградбите во заштитеното јадро и во националниот парк „Галичица“ – рече министерот Сугарески.

Државата ќе ја помогне акцијата со дополнителни средства за уривањето, а според министерот нови средства ќе предвиди и локалната самоуправа во буџетот за следната година оти како што нагласи, не може да се очекува сите дивоградби, чија официјална бројка ќе ја објават многу скоро, да бидат урнати до февруари, кога истекува рокот даден од УНЕСКО за задржување на заштитата на Охрид.

Министерот Сугарески рече дека не знае за петицијата за измена на членот 15 од Законот за градежно земјиште со која граѓаните бараат да се дозволи продажба на државно градежно земјиште за окрупнување на парцела само доколку лицето поседува 80 отсто од парцелата, наспроти сегашниот член во законот кој дозволува откуп на државно земјиште доколку лицето е сопственик на само 30 отсто од парцелата. Граѓаните бараат ваква измена за да се спречи раскрчмување на државно земјиште како она спроти хотелот „Холидеј Ин“ кое беше продадено заради окрупнување на парцелата за изградба на згради спротивно на интересот на јавноста која побара парк на местото на паркингот.

-Не знам за оваа иницијатива, но со задоволство ќе ја разгледам. Сметам дека одлуката за вакво нешто треба да ја донесеме заедно со градоначалниците – рече Сугарески.

Министерот објасни дека работат на изградба на 550 километри патна мрежа и одговори на забелешкте на опозијата која замери дека СДСМ немаат свои проекти туку дека ги дорабтуваат нивните.

За железничкиот сообраќај Сугарески вели дека сѐ уште се подготвува приватизација на МЖ „Транспорт“, по довршување на пругата Битола – Кременица во скоро време се очекува да биде пуштена во сообраќај нова линија, а интензивно се работи на пругата кон Бугарија.

Министерот рече дека не се откажува и од заложбите и за домашна авиокомпанија иако првата анализа покажала дека домашна авиокомпанија би била финансики неодржлива.