Времето низ државата е умерено до значително облачно, во северозападните делови со слаб локален снег, информираат од управата за хидрометеоролошки работи. Дува слаб, а на повеќе места и умерен ветер од северен правец.

Најниската температура е регистрирана во Маврово со -9 Целзиусови степени, а потоа следат Крушево со -8, Лазарополе -7, Крива Паланка и Берово -6, Охрид Претор и Виница -4, Струмица -3, Штип  Прилеп и Демир Капија -2, Битола -1.

Висината на снежната покривка на Попова Шапка и Маврови Анови до седум часот изнесува седум сантиметри.

Во текот на денот ќе биде променливо облачно и студено со провејување на слаб снег, особено на северот од земјава. Ќе дува умерен до засилен, а повремено силен северен ветер со брзина и над 70 километри на час. Максималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6 степени.

Во Скопје претежно облачно со засилен северен ветер. И во делови од Скопската котлина повремено ќе провејува слаб снег. Максималната температура ќе достигне 3 степени.