Прекините во снабдувањето со електрична енергија фатални за апаратите за домаќинство

Испадите во електроенергетскиот систем претставуваат сериозна закана по електричните уреди, кои можат да откажат по доаѓањето на струјата поради струјните шокови што ги претрпуваат. Телевизорите, климите, фрижидерите, но и водните пумпи најчесто можат да прегорат токму кога по прекинот во снабдувањето со електрична енергија ќе дојде до повторно вклучување на струјата, па уредите што останале вклучени се под ризик да прегорат. Понекогаш се случува и кратко време по доаѓањето на струјата да дојде до нов прекин, па пак да се пушти што уште повеќе ја зголемува можноста за прегорување на уредите. Граѓаните реагираат дека трпат големи финансиска штета заради ваквите случаи.

– Имам викендичка во Горно Соње. Таму често се случуваат прекини во снабдувањето со струја. Летово при еден таков испад на системот ми прегоре пумпата во бунарот. Тој дефект ме чини 30.000 денари и не знам дали некаде можам да се пожалам бидејќи не станува збор за мали пари, а згора на тоа, лично со ништо не сум го причинил дефектот – вели Аце Костовски.

Тој додава дека ваквото гаси-пали на системот можат да ги расипе и другите уреди.
– При секое снемување струја го исклучувам напојувањето директно од штекер, но често се случува да не сум дома и кога во такви случаи ќе снема струја, се надевам дека само осигурувачот ќе прегори и ќе ме спаси од поголем трошок – нагласува Костовски.

Дополнителен проблем е што домашните осигурителни компании во своето портфолио на работење не осигуруваат оштетувања на апаратите за домаќинство во случај на струен шок.

– Не ги осигуруваме овие уреди во домаќинствата, туку нудиме осигурување само за машини вклучени во производствениот процес во компаниите – велат од една осигурителна куќа.

И од сервисите за бела техника не ги поправаат бесплатно уредите што настрадале од струен удар, без оглед што се под гаранција.

– Апаратите што се расипале од струен удар не подложат на бесплатна поправка, иако гаранцијата им важи. Во секоја гаранција точно е наведено што е покриено со неа, но струјниот удар не е опфатен, така што поправката ќе мора да се плати – велат од сервисите за бела техника.

Дефектите настанати од струен шок можат да се пријават во ЕВН, од каде што комисија одлучува дали на сопствениците ќе им бидат покриени трошоците за поправка на уредите што настрадале.

– При настаната штета при струен шок може да се пријави во ЕВН, а комисија одлучува дали ЕВН или МЕПСО е надлежен за настанатата штета. Ако се утврди дека апаратот прегорел по вина на операторот, тогаш се покриваат трошоците за поправка – вели Атанас Ковачевски од ЕВН.