Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поттикнати од месецот октомври, за борба против ракот на дојка, Приватната здравствена установа „Ре-Медика“ и Македонското здружение за радиологија на дојка организираа стручен состанок, на кој беа разменети искуства со цел да се напредок и испорачување на најдобри медицински услуги за пациентите.

Свои презентации и обраќања имаа проф. д-р Андреј Арсовски, специјалист по тораковаскуларна хирургија и медицински директор на „Ре-Медика“, д-р спец. Наде Петановска специјалист радиолог, м-р д-р Светлана Темелковска, специјалист радиолог од Институт за радиологија Клинички центар „Мајка Тереза“, како и доц. д-р Јасмина Чабуковска-Радуловска, специјалист радиолог од универзитетска клиника за хируршки болници „Св. Наум Охридски“.

На средбата беа истакнати проблемите со кои се соочуваат радиолозите, а беше истакнато дека потребно е да се овозможи радиологот да дава упат за да тој одреди што треба понатаму да прави пациентот.

Д-р Наде Петановска рече дека редовните прегледи се препорачуваат од порана возраст, односно после 20-тата година.

– Треба да се направи преглед пред планирана бременост, а треба да се следат и препораките за изведување на прегледите, во зависност од возраста и ризикот на пациентката. Истите се прават како ултразвучен преглед или мамографски преглед. Во „Ре-Медика“ одлично работи одделот за мамографска дијагностика, користејќи современа апаратура за дијагностика на болестите на дојки. Се изведуваат и сите интервентни дијагностички процедури како што се биопсиите, стереотаксични и ултразвучни преоперативни маркирања, како и сите оперативни зафати на дојка – рече д-р Петановска. А.П.