Автомобилот на С.Г. по сообраќајната незгода

Можеби македонските граѓани кои се учесници во сообраќајни несреќи и некако ќе успеат да ги остварат своите права пред полицијата и судовите во градовите каде се случуваат несреќите, но тука се отвора прашањето за странските државјани, за кои постои можност, поради јазичната бариера и непознавањето на македонските процедури и закони, да се соочат со пречки при остварување на своите права. Во таа насока за нив, во пракса неретко се среќаваат дискриминирачки елементи. Така, во процедурата на остварување на своите права, странците се судруваат со појави кои се во директна спротивност со законите и прописите од соодветната област. Познат е случајот со двајцата полицијајци кои беа пријавени од српски возач за барање на поткуп на автопатот во близина на Демир Капија 

Уште повоочливи се индикаторите на постоење на кршења на процедурите во целата верига на одговорности,  од полицијата, па до локалните обвинителствата и судовите во градовите во Македонија забележани во случајот со грчкиот државјанин С.Г. кој на 3-ти јануари оваа година удри во товарно возило кое растурало сол на автопатот Миравци – Демир Капија. Во интерес на пошироката јавност, токму преку подетална новинарска опсервација за овој случај (каде се препознаваат елементи на една ретроградна појава која дури задира и во загрозуваање на основните човекови права), треба да се стави точка на ваквата пракса. 

Имено, на возилото со марка „бмв“ управувано од С.Г. од Атина по тунелот Т2 на местото викано „Јаворица“ му бил препречен патот од два камиони кои од паркингот остро се приклучувале на автопатот. С.Г., кој во возилото бил со неговата сопруга и две малолетни деца, избегнувајќи директен судир со товарните возила, удрил во заштитната ограда, а потоа во еден од камионите. За среќа, никој не бил повреден, но причинета е материјална штета. Сега возачот на „бмв“-то , С.Г. е обвинет за кривичното дело „загрозување на безбедноста во сообраќајот“ , но во процесуирањето на случајот излегуваат многу поголеми недоследности. 

– Основниот проблем во оваа ситуација е тоа што по несреќата во полицискиот записник е нотирано дека е разговарано со обвнинетот, што не е точно, бидејќи никој не разговарал со него. Потоа, полицискиот записник кој првично обвинетиот и оштетената го виделе лично во Основниот суд Неготино наредниот ден по несреќата и оној што бил доставен од обвинителот до адвокатите (по неколку дена), е различен. Добиениот записник од oбвинителот, при увид од страна на одбраната, а и оштетената, забележано е дека не соодветствува со записникот што првично беше во списите на предметот на 4-ти јануари – истакнуваат од одбраната на обвинетиот С.Г. од Атина. 

Постои уште една ситуација која дава сосема различна слика за работењето на нашите надлежни институции. Имено, адвокатите на обвинетиот исто така посочија и на уште една недоследност во полициската работа и констатираа дека во записникот кој го добиле од обвинителот недостасува едно возило од сообраќајната несреќа, кое според нив е исто така клучен фактор за причините за настанувањето на несреќата. 

– Станува збор за вториот камион кој постои како доказ на видео-снимките од надзорните камери. Полицијата и судијата ги видоа снимките од надзорните камери кои ги добивме како доказ, а истото го има и обвинителот. Никој од нив (судијата, обвнинителот, полицијата) не наоѓа за сходно тоа возило биде претставено како учесник во сообраќајната несреќа, а го нема и во скицата од полицијата. Дополнително, првичниот записник е потпишан од лице што е различно од овој што го добивме од судот – потенцираат бранителите. 

Адвокатите на обвинетиот странец, поднеле барање за корекција на записникот до ПС Неготино, заедно со видео-материјалите од надзорните камери, со укажување дека неопходно е истиот да се корегира, со оглед на снимката јасно се гледа вториот камион на местото од несреќата и неговата активна инволвираност. 

За жал на граѓаните, ова отсликува една мошне сложена и длабока појава која не е карактеристична за држави каде владеењето на правото е темелен принцип на системот. 

– Физичкото менување и пропуштање на внесување на вистинитите факти од лице место во записниците, може да доведе до уривање на довербата во институциите и целиот правен систем во државата, бидејќи може да доведе до фингирање на било каква сообраќајна незгода и вина, а со тоа на сосема различен начин да се претстави фактичката состојба – констатираат адвокатите. 

Од друга страна, извори од обвинителството во Кавадарци кое го води случајот велат дека немаат дополнителни коментари за случајот и се изјаснија дека по приложените докази ќе се одлучува на главната расправа на 24 јануари со судот во Неготино. 

На лицето С.Г. од полицијата му е одземена патната исправа и од судот е изречена мерка за претпазливост бидејќи е странски државјанин и поради тоа тој не може да ги извршува своите работни обврски во својата матична држава. Иако случајот би требало да добие правна разврска на 24 јануари во судот во Неготино, ќе останат сите пропусти и можни бариери со кои се соочуваат странските државјани кои се наоѓаат во слична ситуација. 

Ако навистина сакаме правна држава, и да бидеме рамо до рамо во сите сегменти со државите на ЕУ, недозволиво е да се прејудицира вина на странците по некој претходно одреден шаблон и на странците по скратена постапка да им се издаваат казнени налози, за побрзо да се завршуваат случаите. Тоа е практика во недемократските држави, каде се битни поединците, а сите останати се маргинализираат и не се уважуваат. Ова е само еден пластичен и едноставен пример од секојдневниот живот, многу чест, поврзан со сообраќајот, но преку кој треба да се најде разрешница во согласност со процедурите и прописите. 

– Факт е дека неколку дејствија се прекршени и сметаме дека ако продолжи вака, нема да се овозможат услови за фер постапка за судење – заврши адвокатот на обвинетиот. 

Неможноста за добивање на соодветен превод на мајчиниот јазик (ситуација со која исто така се соочи обвинетиот во горенаведениот случај), јазичната бариера при давањето на изјави и сите други претходно наведени аспекти од оваа стуација се само дел од административните бариери и непредвидени ситуации со кои странците може да се соочат во доколку направат прекршок на патиштата во нашата земја. Н.М.