Не е точно дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) одлучил дека важи аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за 54 лица од предметите на СЈО, соопшти Бирото за застапување на Република Македонија пред ЕСЧП.

Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25.09.2020 година, на одговор до Владата  достави две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, а во кои се проблематизираат тековни или завршени постапки од аспект на аболициите на поранешниот претседател на државата Иванов. Поради зголемен интерес на јавноста во врска со тековните постапки пред ЕСЧП по повод поднесените апликации, а за кои имаше повеќе написи во медиумите во текот на вчерашниот ден Бирото за застапување на РМ пред ЕСЧП, информира дека станува збор за стандардна постапка која поднеднакво важи и за останатите држави членки на Советот на Европа и за стандардна постапка на доставување на апликации на одговор до државата. За Владата, постапка по поднесена апликација пред ЕСЧП започнува кога апликацијата поднесена до ЕСЧП, по прелиминарна оценка на нејзината допуштеност, ЕСЧП ќе одлучи да ја достави на одговор до државата.

– Во врска со апликациите кои се во фокус на актуелниот интерес на јавноста и информацијата која се објави во дел од медиумите, државата се наоѓа токму во оваа фаза кога предметните апликации се доставени на одговор до државата.

Притоа, информацијата „дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на тогашниот претседател Ѓорѓи Иванов, од април 2016 година, со која од прогон се аболицирани 54 лица – важи, не е и не може да биде повлечена или укината. Со тоа, најголем дел од предметите кои сега се во фаза на судење по обвинение од СЈО паѓаат во вода, мора да се запрат, а обвинетите или осудените да бидат ослободени од прогон или казна. Судот во Стразбур за својот став ја известил и македонската влада уште на 14 Септември, и решил одлуката да се спроведе во две фази…“ не е точна, ниту вистинита, зошто таква одлука од страна на ЕСЧП не е донесена ниту доставена до институциите на Република Македонија. Оттука не може да стане збор ниту за евентуално „спогодбено спроведување на одлуката на Стразбур”.

За постапките ЕСЧП на својата интернет страница, веќе објави податоци во однос на лицата кои поднеле апликации, нивните наводи за повреда на ЕКЧП, како и во однос на прашањата кои се упатени до страните во постапката  ( http://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-205137   и http://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-205253 ).

Текот на постапките по предметните постапки пред ЕСЧП, како и на сите останати постапки пред ЕСЧП, може исто така да се провери и следи преку алатката достапна на интернет страницата на ЕСЧП преку  внесување на бројот на апликацијата ( http://app.echr.coe.int/SOP/index.aspx?lg=mkd ) – соопшти Биро за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права.