Сто и петнаесет години од славната битка кај Ѓурѓејца

На 4 август се навршуваат 115 години од една од најкрвавите и најславни битки од Илинденското востание што се случиле во кичевскиот крај. На денешен ден пред 115 години се одиграла битката кај месноста Ѓурѓејца, на ледината помеѓу селата Карбуница и Кладник, и претставува една од ретките победи на востаниците на Илинден, победа што силно одекнала во целиот Битолски округ и пошироко. Битката кај Ѓурѓејца ќе остане во траен спомен кај идните поколенија, каде што се потврдила големата пожртвуваност на комитите, кои се вградиле во успехот на Крушевската Република.

– Битката кај Ѓурѓејца е една од најсветлите страници од времето на Илинденското востание и прва добиена битка против поробувачот. Битката кај Ѓурѓејца востаниците скапо ја платиле, со над 30 загинати борци и голем број ранети. Токму затоа овој датум и овој локалитет заслужуваат почесно место во македонската историја, како еден потсетник за идните генерации да не го заборават големото херојство на нивните предци од тоа време – илинденците -вели историчарот од Кичево Душан Ристоски.
Голем број почитувачи на илинденската епопеја, и годинава на 4 август ќе го посетат местото каде што се одиграла оваа битка, помеѓу селата Кладник и Карбуница, и ќе положат букети свежо цвеќе пред споменикот што сами го подигнале, пред нецели две децении.

– Секогаш на овој ден треба да се присетуваме на жртвите што паднале во битката на Ѓурѓејца, каде што уште еднаш востаниците ја потврдиле желбата за опстанок и вечен непокор. Овој датум од голема важност за Македонија треба да се одбележува на подостоинствен начин и на тоа место треба да се подигне голем споменик, како потсетување на едно минато време во македонската историја од пред еден век – вели Александар Кочоски, еден од почитувачите на делото на Илинден.
Токму затоа денес месноста Ѓурѓејца ќе ја посетат голем број поединци и групи од Кичево и од регионот, почитувачи на илинденската епопеја, и уште еднаш ќе се поклонат пред споменикот и ќе им се заблагодарат на загинатите комити за животите што ги положиле за слобода на Македонија. З.А.