Еднодневна посета на Крушево, како дел од програмата „Мапа на културата“, организирана од Еуролинк осигурување, се оддржа во саботата.

Прошетката започна од споменичкиот комплекс Македониум, кој е изграден на 1.320 метри надморска височина, со извонреден поглед на градот. Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи и витражи, а во објектот се наоѓа и гробот на Никола Карев претседател на Крушевската република.

Оттаму учесниците го посетија вечното почивалиште на момчето со ангелски глас Тоше Проески и ја продолжи својата прошетка низ старото градско јадро, преку тесните и кривулести улички до Крушевската чаршија каде во самото срце на градот се наоѓа црквата Св. Никола изградена во средината на 19-от век, која импресионира со својата архитектура. Внатрешноста на црквата изобилува со икони и фрески, а особено уникатен е иконостасот кој е дело на познатите копаничари Петре Гарката и Димитар Станишев. На само неколку минути пешачење се наоѓа и црквата Св Јован која меѓу народот е позната и како Влашка црква еден од најзачуваните објекти во градот, изградена на почетокот на дваесетиот век.

Групата имаше прилика да ја посети галеријата на големиот македонски сликар и академик Никола Мартиновски, еден од најистакнатите личности во македонската уметност и култура на 20-тиот век. После неколкучасовната прошетка, учесниците се вратија дома со сладок умор, со многу заеднички фотографии и побогати за едно ново искуство.

„Еуролинк осигурување“ уште еднаш ги потврди своите заложби за негување на вистинските културни и историски вредности. Активноста е дел од платформата
за Корпоративна општествена одговорност, „Еуролинк – Вашата врска со
вистинските вредности“.