Фото: Игор Бансколиев

Родители реагираат на тоа што некои училишта немаат можност да набават барем тоалетна хартија, влажни марамчиња и сапун за одржување лична хигиена

Новата учебна година почнува, а тоа подразбира подготовка на децата за на училиште и опремување со сѐ што е потребно за наставата. Според некоја груба пресметка, само за почеток се потребни околу 100 евра за нови обувки, ранец и облека. Дополнително родителите треба да издвојат пари за фломастери, боици, тетратки, ножици, гуми и моливи, блокови, колаж. На секој ученик му се потребни и патики за во сала, маици и шорцеви за часовите по физичко и здравствено воспитание. Освен тоа, неопходно е родителите да набавуваат и материјали во текот на целата учебна година.

– Ни дадоа список со работи што треба да ги купиме за на училиште. Меѓу нив има и влажни марамчиња, антибактериски гелови, како и тоалетна хартија. Разбирам дека прибор за работа им е потребен, но не можам да разберам како може едно училиште да не може да си дозволи да набави барем тоалетна хартија и сапуни за во тоалетите. Минатата година собиравме пари за завеси во училницата, а тоа е нешто што исто така треба да го обезбеди училиштето. Освен тоа, една година сите родители дадовме пари и за нова училишна табла – вели мајка на третоодделенец.

Во некои училишта наставниците и директорите претеруваат со барањата од родителите да донираат пари за лаптопи, печатачи, проектори, нови подови и шкафчиња за децата. Сето ова законски не е дозволено, но родителите најчесто прифаќаат да донираат затоа што сакаат нивните деца да учат во нормални услови.
Наставниците велат дека не можат да работат, на пример, без хартија за копирање, која најчесто ја користат за да печатат тестови што им ги делат на децата во текот на годината.

– Програмата налага да се користат материјали во наставата што училиштето најчесто нема пари да ги купува. Затоа ние сме ставени во непријатна ситуација тоа да го бараме од родителите, за да може часот и предвидената содржина да бидат усвоени како што треба – вели наставничка во едно скопско основно училиште.

Освен дополнителни материјали за работа, забранета е и продажба на дополнителна литература и учебници. Паричните казни за овие и слични законски прекршувања се високи. Според Законот за основно образование, казна во износ од 3.000 до 5.000 евра ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште ако дозволи продажба на стручна литература и детски списанија, додека глобата за одговорното лице за истиот прекршок е од 1.500 до 2.500 евра.

Казна од 10.000 до 15.000 евра ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште ако употреби учебници што не се одобрени од националната комисија за учебници, а глобата по оваа основа за одговорното лице во правното лице е од 5.000 до 7.500 евра .