Фото: Маја Јаневска-Илиева

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се надева дека процесот на ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија ќе се заврши до декември годинава, и дека на претстојниот самит на НАТО во Лондон земјата ќе стане полноправна членка.

– Сите сојузници го потпишаа пристапниот протокол во февруари и потоа започнаа ратификациите. Ратификациите одат доста брзо. Обично, како што беше кога Црна Гора се зачлени, е потребна околу една година. Не е до мене колку брзо ќе ратификуваат, но би било многу добро ако можат да завршат до декември кога во Лондон ќе се состанат лидерите. Ако не биде тогаш, очекувам да се случи брзо потоа – изјави вчера Столтенберг.

Столтенберг го кажа тоа пред министерскиот состанок за одбрана, кој се одржува денеска и утре во Брисел и на кој учествува и македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Генералниот секретар нагласил дека земјава ги исполнува стандардите за членство во НАТО и повторно ги пофалил премиерите на Грција и на Македонија за нивната храброст во решавањето на спорот за името.

Инаку, министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО, меѓу другото, треба да разговараат за буџетските прашања и целта од два отсто од БДП што треба да се постигне до 2024 година.