Генералниот секетар на НАТО Јенс Столтенберг денеска од Букурешт порача дека мошне скоро од сите 29 земји-членки ќе биде потпишан пристапниот Протокол за членство на Македонија во Алијансата.

Тој денеска на заедничката прес-конференција со романскиот претседател Клаус Јоханис изрази очекување дека сите 29 членки ќе го потпишат Протоколот, по што како што рече, Скопје ќе учествува на двата претстојни состанока на НАТО.

– Откако сите 29 земји-членки ќе го ратификуваат Протоколот, ќе ја поздравиме Република Северна Македонија како 30. членка на НАТО – нагласи Столтенберг.

Приемот на земјата во Алијансата, посочи првиот човек на НАТО, ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот и во цела Европа.

Столтенберг истакна дека со Јоханис меѓу другото разговарале и за континуираната посветеност на политиката на отворени врати на НАТО и им честита на Скопје и Атина, на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за нивната храброст и силното лидерство за решавање на спорот со името.