Износот на стипендиите е најмногу до 40 илјади американски долари на годишно ниво, а досега вакви стипендии им се доделени на 200 државјани на Република Македонија, информираат од Министерството за образование по објавите дека и ќерката на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, добила таква стипендија за студирање во Утрехт, Холандија

Младите од Македонија имаат право и можност по завршување на средното училиште да одлучат самостојно дали и каде ќе продолжат да се надградуваат, односно дали би се запишале на некоја од домашните високообразовни установи или, пак, ќе студираат во некоја друга земја. Откако неодамна беше обелоденето дека ќерката на министерот Никола Димитров добила стипендија за студирање во Утрехт во висина од 40 илјади долари, побаравме информации во Министерството за образование и наука (МОН), околу тоа како функционира распределбата на средствата.

– Акo одлучат да студираат на некој од најдобрите светски универзитети, аплицираат и бидат примени, Владата им дава можност за стипендирање на студиите. Односно, Министерството за образование и наука обезбедува финансиска поддршка за сите македонски граѓани што ќе се запишат на студии од прв, втор или трет циклус на некој од најдобрите 100 универзитети во светот (од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката), според ранг-листата на Центарот за универзитети од светска класа при шангајскиот универзитет „Џио Тонг“, со услов, истите тие по завршувањето на образовниот циклус да се вратат и да го инвестираат стекнатото знаење во сопствената земја – објаснуваат во Министерството.

Првите шест месеци по враќањето во земјата, треба да бидат на располагање за вработување во органите на државната управа, но тоа не е задолжителна обврска на Владата, односно на Министерството за образование и наука, велат оттаму.

– Износот на стипендии е најмногу до 40 илјади американски долари на годишно ниво со кои се надоместува уписнината на годишно ниво, а дополнително се исплатуваат и парични средства за сместување, авионски превоз и месечен паричен надоместок. Досега ваков тип стипендија им е доделена на 200 државјани на Република Македонија, кои успеале да ги исполнат условите во согласност со објавуваните конкурси од страна на Министерството за образование и наука – информираат оттаму.

Во МОН појаснуваат дека станува збор за студенти што се запишале на универзитетот „Кембриџ“, Стокхолмскиот универзитет, Универзитетот во Оксфорд, во Манчестер, Утрехт, Питсбург, Калифорнија, Ајндховен, Лондон.

– Половина од нив веќе ги завршиле студиите на прв, втор или трет циклус. Некои од нив, продолжиле со студии на повисок степен, дел се веќе со работен ангажман – велат во МОН.

Оттаму додаваат дека постојат и голем број други видови стипендии за студирање во странство, кои произлегуваат по потпишаните билатерални договори и меморандуми за соработка со други земји, кои, исто така, се добро искористени.

Во врска со случајот со Јана Димитрова, во Владата тврдеа дека таа ги исполнила сите критериуми предвидени со конкурсот и дека не смее да биде дискриминирана ако е ќерка на функционер. Во Министерството објаснуваа дека никогаш не било критериум и не се земало предвид ако студентот имал родители што вршат јавна функција или работат во државна администрација.