Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски придружуван од началникот на генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, утре ќе ги посети припадниците на армијата ангажирани на јужната граница.

Претседателот Пендаровски најпрвин ќе го обиколи транзитниот центар за мигранти во Гевгелија, каде од одговорните субјекти ќе се запознае со моменталната состојба во транзитниот центар и со ангажманот на меѓународната мисија „Фронтекс“.

Во сместувачкиот капацитет на припадниците на армијата, во здружениот оперативен центар, на Врховниот командант ќе му биде презентирана моменталната безбедносна состојба на јужната граница, тактичките мерки и процедури кои ги спроведуваат армиските единици согласно доделените задачи во спречување на нелегални минувања на јужната граница, а посетата ќе заврши со заеднички ручек со припадниците на армијата.