Република Македонија има најмал број лица инфицирани со ХИВ, вкупно 390 во моментот, што е резултат на превентивните активности што се преземаат во континуитет. Тоа се должи на успешната реализација на активностите од Програмата за превенција од ХИВ, која постои од 1987 година. 

Ова попладнево го изјави директорот на Клиниката за инфективни болести и претседател на Националната комисија за ХИВ, Милена Стевановиќ, која рече дека во програмата правилната употреба на кондоми и лубриканти е значаен сегмент од активностите за превенција на ХИВ.

– Едукацијата ја врши здравствен работник и здравствена институција вклучена во Програмата за превенција на ХИВ при Министерството за здравство. Превенцијата од ХИВ е неопходна за секој поединец. Во рамки на користење на кондомот, лубрикантот ја има една од главните улоги во превенцијата на ХИВ инфекцијата. Навременото тестирање може да придонесе за квалитетен живот на секој човек – истакна Стевановиќ. 

Додаде дека се набавени лубриканти во мали пакувања за една употреба, залиха на кондоми постои и секој денар домаќински се троши.