Венко Андоновски,
кандидат за Толстоевата награда за книжевност „Јасна Полјана“

Во јуни годинава домашните медиуми објавија кратка информација дека сте номиниран за Толстоевата награда за литература, „Јасна Полјана“, во категоријата странски автори. Што точно значи тоа?
– Тоа значи дека некому во Русија му паднал во рака мојот роман „Папокот на светот“, објавен на руски, дека му се допаднал, дека му го дал на член на Комисијата за номинација и дека тој член решил да се потруди да се најдам во конкуренција со уште 34 светски писатели за оваа врвна светска награда. За писател што нема свој агент, како што сум јас, тоа е извонредно пријатна вест. За писател што ѝ припаѓа на книжевност што се пишува на таканаречени „мали јазици“ е навистина признание и самата номинација – номинирани се познати писатели од големи јазични подрачја, крупни културни семиосфери и големи светски книжевности – Каѕуо Исигуро и Јан Мекјуан од Велика Британија, Тони Морисон и Мајкл Канингем од САД, Џонатан Литл од Франција, Амос Оз од Израел, Маргарет Етвуд од Канада, неколку важни автори од Германија… Меѓу тие имиња, човек од мала литература не може да се чувствува поинаку освен како – залутан ама почестен… Самиот податок дека од целиот словенски книжевен свет сме номинирани само јас и Драго Јанчар (Македонија и Словенија), доволно говори за тоа дека сме приброени кон крупните книжевни светски сили.

Што очекувате од оваа номинација?
– Награда, секако – не. Би било непристојно да се надева човек на такво нешто во таква конкуренција. Резултатот ќе се знае во октомври. Би сакал жирито да се фокусира на книгите, а не на имињата, зашто само така може да ми се оствари желбата – да влезам во што потесен избор за наградата. Тоа би значело и поголем интерес за моите книги не само кај руските туку и кај странските агенти, кои, во принцип, не се многу воодушевени од тоа да „пробиваат“ во светот писатели од мали средини. И во тој свет на книжевните агенти, како и на секој пазар, големите ги јадат малите, што, се разбира, нема врска со естетиката и со уметничките вредности, ама така е и – тоа е. Доволно е да се закаже средба со агент на Франкфуртскиот саем на книгата за да се почувствува таа сегрегација на „големи“ и „децимални“ јазици, книжевности и култури.

На 6 и 7 септември ќе бидете гостин на Саемот на книгата во Москва, а на 8 и 9 ќе ве почестат со книжевен портрет и разговор токму во Толстоевата Јасна Полјана. Има ли тоа врска со номинацијата?
– Има, особено делот во Јасна Полјана, иако за поканата во Москва има и друга причина – во едицијата „Сто словенски романи“ на руски е објавен и мојот роман „Азбука за непослушните“, кој ќе биде претставен во Москва на саемот. Во Јасна Полјана за истиот роман, но и за номинираниот, „Папокот на светот“, ќе говори истакнатиот руски современ писател Евгениј Водолазгин, кој и ја предложи книгата за наградата. За мене е тоа доволна чест. И двата романа се во превод на истакнатата преведувачка Олга Панкина.

Имате ли впечаток дека овие настани заслужуваа поголемо медиумско внимание?
– Имам, ама тоа не е некој однос само кон мене туку кон писателите и уметниците воопшто. Не сме важни колку политичарите. Нашите постигнувања не се сметаат за нешто важно, што говори за деградација на матичната култура во витлите на политичките порои. Медиумите се главно „апетитлии“ за политика, а не за култура. Втората причина што крупни културни настани поминуваат како и мувите околу вентилаторите во шпагети-вестерните на Серџо Леоне, причина што мене повеќе ме загрижува е – професионалната завист, која се изразува како ноторно игнорирање на книжевните и уметнички постигнувања од страна на колеги и институции. Порано знаевме, колега на колега, или институција на колега што ѝ припаѓа, да си напишеме по еден портрет или топло слово, во вакви и слични пригоди – номинации и награди. Сега секој успех на колегата го сфаќаме како сопствен пораз. Станати сме анимално сурови кариеристи. И затоа ништо не добиваме.

Зошто престанавте да пишувате колумни?
– Затоа што влеговме во фаза на целосна колумнистичка дислексија (од партиски причини). Ние воопшто не го читаме она што е напишано во колумните, туку она што ни одговара, од аспект на партиската припадност, а ако ја немаме, од аспект на проста злоба и омаловажување на различните мислења. Ако напишете (како што напишав јас) дека сметате дека со преименувањето на Македонија сме платиле превисока цена за ЕУ, по социјалните мрежи разни луѓе ќе тврдат дека сте против ЕУ, дека сте ретроградна помија, човек што сите ги влече назад во калта. Ако изразите сомнеж во нешто, автоматски станувате ПРОТИВ нешто. Ако пофалите некој потег на Владата, за опозицијата станувате владин „пес“; ако покудите некој потег на Владата, во провладините медиуми ќе прочитате дека со тоа го браните некогашниот криминал на ВМРО-ДПМНЕ и дека тагувате по „тоа време“. И дека сте платени од нив (се смеев на сумите што некои недобронамерници ми ги припишуваа како „мито“ од ВМРО; јас од имот имам само 45 квадрати стан и автомобил стар 18 години). Така, ако пишувате колумни во вторник, како што пишував јас, еден-два вторника сте ВМРО-ДПМНЕ, а потоа еден-два СДСМ. Не можете да имате позиција на независен интелектуалец.
Мене такви етикеции не ми требаат; она малку углед на јавна личност мачно го заработив како писател, а не како политичар и новинар, и немам намера да го трошам за нешто што сè повеќе се претвора во бесмислена братоубиствена војна со мастило. И, можеби најважниот мотив: многумина луѓе што јас високо ги ценам, од разни професии, дури и мои најблиски пријатели, имаа(т) дијаметрално спротивен став од мојот околу „цената“ што ја плаќаме за влез во ЕУ и во НАТО. Знам дека и тие мене ме ценат, и кога веќе и јас нив ги ценам, навистина би било жално од тој наш „судир“ (во кој и едните и другите имаат аргументи) лаици или злобници да извлекуваат заклучоци (како што извлекоа) дека сакам да ѝ наштетам на светлата иднина на мојата татковина.
Јас секогаш сум работел за Македонија, ќе го правам тоа и натаму, без разлика што мислам приватно за колективната насока во која одиме. Се разбира, ќе работам за подобра и современа Македонија сè што можам и што ќе се побара од мене, ако не излегува од рамките на мојата професија, без разлика која гарнитура е на власт; владите се менуваат, но една современа и модерна, реформирана македонска држава и свест мора да остане зад нас. Еве, ќе одам во Јасна Полјана со гордост што ги претставувам македонскиот книжевен, јазичен и културен идентитет и најубавите македонски литературни традиции.
А и време е малку да се позанимавам со мојата книжевност – има кој да ги напише моите колумни и подобро од мене, ама не верувам дека некој може да ги напише романите што ги имам во глава – подобро од мене.

Што да очекуваме од вас во блиска иднина на книжевен план?
– Најпрвин, следниот месец една книга раскази, под наслов „Припитомување на кучката“. Се вратив на почетокот на мојата книжевна кариера – на расказите, таа есенција над есенциите во прозата. Потоа, ако даде господ, следната година и еден роман, под наслов „Графитниот љубовник“. Па потоа уште еден, под наслов „Облеката на ѓаволот“. Почнати се, треба да ги завршам. А за тоа ми се потребни и малку мир и апстиненција од јавните настапи, плукања, кукања и мјаукања.