Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги осудува онлајн нападите и заканите на социјалните мрежи врз новинарот од ТВ24, Мишко Иванов, кои тој ги добил по завршувањето на интервјуата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Од самостојниот синдикат велат дека се зачестени нападите и врз други новинари и новинарки.

По тој повод ССНМ апелира до сите новинари и медиумски работници сите овие напади, закани, онлајн малтретирања и слично да ги пријавуваат до органите на прогонот и соодветните институции.

– Сепак, со жалење констатираме дека МВР овие закани не ги сфаќа сериозно и по нив не постапува според своите законски овластувања. Институциите треба постојано да реагираат и да ги санкционираат ваквите појави бидејќи решавањето на случајот со нападите врз две новинарки од страна на Емил Јакимовски не смее да остане единствен – се наведува во соопштението.

ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници да ги пријавуваат заканите и нападите во Синдикатот, преку пораки на фејсбук-страницата или на електронската пошта [email protected].

– ССНМ ќе го документира секој случај и ќе преземе соодветни мерки, инсистирајќи до соодветните институции да ги преземат мерките што им стојат на располагање и истовремено информирајќи ги меѓународните институции за состојбата со нападите врз новинарите – велат од самостојниот синдикат.