Фото: ССМ/Фејсбук

ССМ бара од пратениците да ги усвојат измените и дополнувањата на Законот за работни односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор, измена и дополнување на Законот за минимална плата, потпишување на Општ колективен договор за јавен сектор и Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски испрати порака до пратениците во Собранието, дека не може вторпат да не го усвојат законското решение за недела неработен ден.

– Деведесет и два проценти од работниците денеска требаше да одмораат, а останатите осум отсто да земат минимум зголемена дневница од 50 проценти. Затоа ги повикувам веднаш да влезат во пратеничките клупи и да го изгласаат ова законско решение од кое ние работниците ќе имаме голем корист – рече Димовски.

Додека синдикалните работници го продолжија протестот кон Организацијата на работодавци на Македонија и Стопанската комора на Македонија, претседателот на ССМ беше примен во Собранието.

По средбата со пратениците кои беа присутни во собранието, Димовски соопшти дека добиле ветување оти недела неработен ден ќе биде изгласан наредната недела и законското решение за сите работници кои ќе одмораат или ќе работат во недела ќе почне да важи од 1 јануари.