Прашањето за автокефалноста на МПЦ станува сѐ почувствително во српската јавност. Доказ за тоа е што влијателните медиуми како „Танјуг“ и „Новости“ ја пренесуваат анализата на „Нова Македонија“, во која се пишува за придвижувањата на Вселенската патријаршија во поглед на решавање на црковното прашање во Македонија

Дали е прашање на црковна стратегија тоа што Вселенската патријаршија и официјално го стави на дневен ред барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија за автокефалност во време кога почна и Соборот на Српската православна црква во Белград или сѐ е само коинциденција? Верските аналитичари оценуваат дека во заднина на одлуката на Цариград може да стои и порака до црковен Белград, кој на овој Собор треба да донесе официјален став во поглед на украинската автокефалност, а со тоа да изгради позиција што би правела СПЦ ако Вселенската патријаршија одлучи да прогласи автокефалност за МПЦ-ОА.

Соборот на СПЦ сѐ уште трае и засега нема никакви официјални информации за донесени одлуки, како и за што конкретно ќе се разговара и одлучува. Синодот на Вселенската патријаршија, пак, на почетокот на мај годинава заседаваше три дена и, според соопштението објавено на веб-страницата на Вселенската патријаршија, постојат индиции за изградени некакви позиции, но јавно не се соопштуваат.

Инаку, прашањето за автокефалноста на МПЦ станува сѐ почувствително во српската јавност. Доказ за тоа е што влијателните медиуми како „Танјуг“ и српски „Новости“ ја пренесуваат анализата на „Нова Македонија“, во која се пишува за придвижувањата на Вселенската патријаршија во поглед на решавање на црковното прашање во Македонија. Српските медиуми пренесуваат и дека македонските верски аналитичари сметаат дека ваквата одлука на Вселенската патријаршија е прв позитивен чекор по долго време, кој се надеваат дека ќе однесе кон крајната цел за решавање на канонскиот статус на МПЦ. Тие немаат дилема дека овој процес навестува почеток за решавање на нашето црковно прашање, и тоа токму преку Цариград.

Сепак, засега останува непознато во каква форма и во кој правец ќе биде донесена одлуката на вселенскиот патријарх.

Во интервјуто дадено неодамна за српска „Политика“, вселенскиот патријарх не дава конкретни детали дали и како ќе постапи по случајот со МПЦ-ОА. Тој посочи на разликата меѓу црковните спорови во Украина со оние што ги има Српската православна црква со црквите во Македонија и во Црна Гора. Рускиот патријарх Кирил, пак, исто така во интервју за „Политика“, рече дека оваа изјава на патријархот Вартоломеј значи дека тој има намера да го спроведе „украинскиот рецепт“ и во Македонија.

МПЦ-ОА останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА. Минатата година, МПЦ-ОА и Владата испратија писмо до Вселенската патријаршија со барање за заложба за признавање на автокефалноста, на што вселенскиот патријарх изрази подготвеност за решавање на ова прашање.

[email protected]