Тетово и Гостивар ќе ја почнат новата учебна година онлајн, поради состојбата со коронавирусот. Мерката ќе важи две недели само за средните училишта во овие градови.

За другите, од 1 септември наставата во основните и средните училишта ќе почне со физичко присуство, за што се подготвени сите протоколи за заштита на здравјето.

Од владејачкиот СДСМ утрово велат дека од исклучителна важност е целосното почитување на протоколите за настава со физичко присуство, бидејќи само на тој начин сите ќе го заштитиме своето и јавното здравје.

– Во моментот Владата има одлука да се започне со физичко присуство согласно нашите, но и искуствата на развиените земји. Дополнително, во образовниот систем вакцинирани се 69 отсто, што е два пати повеќе од националниот просек. Тоа укажува на високата свесност на наставниците за вакцинацијата, а очекувањата се оваа бројка за брзо да порасне над 80 отсто. Воедно, апелираме до граѓаните, за наставниот процес да се водат по официјалните информации кои ги објавуваат надлежните институции, предводени од Министерството за образование и наука – наведуваат од СДСМ.

Исклучоци од физичка настава се предвидени за учениците кои во семејството имаат хронична болест или самиот ученик боледува од хронична болест, или поради немедицински причини, за што одлука ќе носи самото училиште ако има аргументација за тоа.

Во случај на промени во епидемиолошката состојба, образовниот систем е подготвен за три сценарија – целосно физичко присуство, целосно онлајн и хибридно.