Гимназијалецот од „Раде Јовчевски-Корчагин“ е надвор од животна опасност, но за тоа од каде точно паднал и за тежината на повредите постојат две верзии. Официјалната е дека ученикот паднал од пожарникарските скали во хотелот и дека поминал без посериозни последици, а неофицијалната – дека паднал од неоградена тераса од собата во која престојувал, дека имал скршеници и потрес на мозокот поради што е и хоспитализиран и дека неговите родители веќе заминале за Прага

Ученик во трета година во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, вчера паднал од висина од десетина метри, од хотелот во Прага, каде што престојувал со своите соученици во рамките на екскурзијата што ја организирало училиштето преку една од овдешните туристички агенции. Тој е надвор од животната опасност, но за тоа од каде точно паднал и за тежината на повредите постојат две верзии. Официјалната е дека ученикот паднал од пожарникарските скали во хотелот и дека поминал без посериозни последици, а неофицијалната – дека паднал од неоградена тераса од собата во која престојувал, дека имал скршеници и потрес на мозокот поради што е и хоспитализиран и дека неговите родители веќе заминале за Прага. Неофицијалната верзија е добиена од луѓе блиски до семејството на настраданиот ученик, што според директорот на гимназијата Драган Арсовски, е предимензионирано и делумно неточно.

– Во случајот, се работело за невнимание на детето. Тие требало од хотелот да заминат за Виена, па ги носеле торбите. Веројатно за побрзо да стигне, тргнал по пожарникарските скали во хотелот. Медицинското лице што е со нив на екскурзијата, рекло дека мора детето да го однесе во болница, да се провери дали е сѐ во ред. Го прегледале, го снимале, сѐ било во ред, немало повреди. Потоа продолжиле со патот – објаснува Арсовски.

Тој негира дека имало одговорност кај агенцијата што ја организирала екскурзијата и додава дека тој, во случајов, како и секојпат претходно, инсистирал таа да гарантира безбедност за децата.

– Јас сум првиот директор во државата, кој во 2005 година побара на ученичка екскурзија задолжително да има медицинско лице. Освен тоа, пред да се избере агенција, секогаш прво ги проверувам хотелите, но и работата во минатото на агенцијата. Не се ангажираат агенции што нудат премногу ниски цени, зашто секогаш кога се нуди ниска цена стои нешто скриено зад тоа. Дали непристојни хотели, дали некои дополнителни трошоци. Јас секогаш барам уште овде сите трошоци, како што се вечери, карти, диско, музеи… да бидат платени. Оваа екскурзија во Будимпешта, Дрезден, Прага и Виена, чинеше вкупно 18.500 со четири ноќевања. Заминаа четири автобуси, во еден има место за 45 ученици. Во секој автобус има по двајца професори, плус водич, двајца шофери и плус медицинско лице – тврди директорот.

Тој гарантира и за безбедноста на хотелите, бидејќи, како што вели, децата се сместени во хотели со три и повеќе ѕвездички.

– И да, не е точна информацијата дека во хотелот немало интернет, бидејќи тоа се реномирани и проверени хотели. Во самиот конкурс баравме собите да бидат двокреветни, трокреветни и четирикреветни, никако да не се по повеќе од четири деца во соба. На овие патувања верувајте дека професорите од 24 часа, дали само четири часа преспиваат. Одговорноста што ја сносат за сите деца е голема – објаснува директорот Арсовски, кој патем, уверува дека е направен и добар избор на превозникот.

Инаку, од 2014 година постои правилник за екскурзии, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука, а во кој се точно определени правилата и условите под кои може да се реализира ученичка екскурзија. Тогашните власти рекоа дека со новите решенија, очекуваат да се елиминира евентуален нетранспарентен процес за избор на фирми, кои ги организираат овие патувања за учениците, со што се заштитуваат родителите од непотребни финансиски оптоварувања.