Фото: Дарко Андоновски

Познавачите на економските состојби сметаат дека средниот слој во Македонија постои, но тој е малоброен и нема никакви влијанија врз политичките, економските и генерално врз општествените случувања

Секој оној што може да си дозволи да има комфорен стан и да вози солиден автомобил, да го наполни фрижидерот, да отиде на летување и на зимување и притоа да му останат пари и за театар или кино, би можел да се дефинира како човек од средниот слој на општеството. Но прашање е дали во Македонија навистина постои средниот слој, кој соодветно на одредена економска моќ би можел да има и некакво влијание во политичкиот и воопшто во општествениот живот, и кој навистина и припаѓа на оваа група.

Според некоја основна дефиниција, за некој да му припаѓа на средниот слој, треба да има два и пол пати поголеми примања од она што го троши на потрошувачката кошничка. А податоците на Државниот завод за статистика постојано говорат за раст на животните трошоци во државава, при што најновиот индекс на трошоците на животот во април 2019 година, во споредба со април 2018 година, бележи пораст од 1,9 отсто, додека индексот на цените на мало бележи пораст од 1,3 отсто.

Ветувањето на Владата дека парите ќе се враќаат кај граѓаните, односно дека секое семејство годишно по основа на поврат на ДДВ ќе инкасира по 500 евра, е неостварливо, односно за да се дојде до оваа сума, едно семејство годишно би требало да потроши 18.520 евра, што во наши услови е научна фантастика.
Премиерот Зоран Заев, во еуфоричниот настап по победата на нивниот претседателски кандидат на претседателските избори, Стево Пендаровски, повторно најави дека парите ќе се враќаат на граѓаните.

– Постојано слушаме дека државата ќе ни ги враќа парите, но ништо не гледаме од тоа. Од ден на ден живееме сè посиромашно. Кога ќе платам струја, вода, телефон, хранарина за децата за училиште, ќе ставам гориво во автомобилот, реално од платата не ми останува ништо уште на половина месец. Да не зборувам за одење во кино, купување облека и слично – вели Момчило Николовски, вработен во една приватна компанија.
Тој додава дека заедно со сопругата имаат плата по 18.000 денари, така што месечно во семејството имаат буџет нешто повеќе од 500 евра.
– Јас обично земам плата на почетокот на месецот, сопругата кон средината на месецот, така што парите ни одат само за сметки и за храна. На зимување не сме оделе никогаш, додека летните одмори ги плаќаме на кредит и од година на година ги кратиме. Најпрво одевме по 12 дена, па по девет, лани бевме седум дена. Веројатно така ќе биде и годинава – истакнува Николовски.

Според познавачите на економските состојби, средниот слој во Македонија го има, но тој е малоброен и нема никакви влијанија врз политичките, економските и генерално врз општествените случувања.
– Постои средна класа во Македонија, но таа е еден многу тенок слој. Тоа се луѓе што не се големи бизнисмени, но заработуваат доволно од својата стручна работа. Сепак, тие се еден незначителен дел – смета Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.
Тој додава дека ако се земе предвид фактот дека 75 отсто од вработените во Македонија имаат потпросечна плата, произлегува дека сите тие се сиромашни, со исклучок на ретки случаи што имаат приходи од други извори.

– Доколку беше присутна средната класа, таа ќе имаше многу поголемо влијание врз политичкиот и врз економскиот живот во државата – посочува Хајредини.
Професорот Марјан Петрески смета дека средниот слој во Македонија постои, но дека во него спаѓаат оние семејства чиј месечен буџет е меѓу 500 и 1.000 евра.
– Средна класа постои во статистичка смисла на зборот, односно тоа би биле сите просечни домаќинства, кои месечно имаат на располагање од 30 до 60 илјади денари. Клучното прашање е колкава е моќта на таа средна класа, односно дали со тие средства може да живее среден или просечен живот – вели Петрески.
Според него, одговорот на ова прашање варира, но повеќето за себе би кажале дека тие средства се веројатно доволни за намирување на основните потреби, главно исхраната, облекувањето и обврските околу децата додека тие се на претшколска и школска возраст.

– Но кога доаѓа до некои други издатоци карактеристични за средните класи, како одење на одмор барем еднаш во годината, поседување и непречено располагање со автомобил, повремена исхрана во ресторан, други трошоци за разонода, тогаш веројатно ваквите домаќинства би кажале дека тие трошоци или ги намируваат многу тешко или воопшто ги нема во нивната потрошувачка кошничка – истакнува Петрески.
Еден млад британски коментатор на социјалните збиднувања, направи список на работите што треба да се најдат во домовите на претставниците на средниот слој. На таа листа, меѓу другото, се паметен телевизор, џакузи, грамофонски плочи, ретрозамрзнувач, компјутер „епл“ и скара.

[email protected]