Премиерот Зоран Заев, денеска прими делегација на жените на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и на Форумот на жени на Социјалдемократската партија на Словенија што ја предводеше Мија Јаворник, потпретседателка на жените на ПЕС и генерална секретарка на Форумот на жени на словенечките социјалдемократи.

На средбата, како што соопшти владината прес служба, присуствуваа министерките за правда и за труд и социјална политика, Рената Дескоска и Мила Царовска, пратеничката и потпретседателка на Собранието Фросина Ташевска-Ременски и претседателката на Форумот на жени на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и советник за култура во Кабинетот на Претседателот на Владата на РСМ Цветанка Ласкова.

Премиерот Заев на средбата им посака добредојде на гостите од ПЕС и од Словенија и истакна дека нивното учество на маршот на жените на Форумот на жени на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија што по повод 8 март ќе се одржи утре, е силна поддршка за политиките за рамноправност и родова еднаквост во Република Северна Македонија, и дека солидарноста што жените на ПЕС ја искажуваат со жените од нашата земја е во срцето на социјалдемократските вредности.

Премиерот Заев ги информираше гостинките за актуелните политички прашања во земјата, и за промените што настанаа во последните години и нагласи дека политиките на Владата на РСМ одат во прилог на заложбите за проширување на можностите за економска еманципација на жените како придонес во борбата против сите видови дискриминација.

Мија Јаворник, во име на жените на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и на Форумот на жени на Социјалдемократската партија на Словенија, нагласи дека таа доаѓа со честитки за остварувањата што Република Северна Македонија ги направи во последните две години, во делот на враќање на демократијата, и особено во делот на евроатлантските процеси и додаде дека ПЕС останува на силната поддршка за Северна Македонија во претстојниот период и дека очекува дека Европската Унија ќе го испорача соодветното признание за земјата со отворање на поглавјата за преговори за членство во ЕУ.