Пред Собранието на Македонија изутринава е мирно по синоќешните насилни протести во кои се повредени седум полицајци. МВР информира дека се приведени 25 демонстранти и најави дека повеќе информации за вчерашните случувања пред законодавниот дом во центарот на Скопје ќе бидат соопштени во текот на денов. 

– На вчерашниот јавен протест во Скопје, дел од демонстрантите употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец- соопшти МВР.

Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.

Протестите беа против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан вчера во Псарадес.