Својот збор треба да го каже и грчкиот парламент во кој, исто така, ситуацијата би можела да се искомплицира

Наспроти изјавите на владиниот врв дека имаат планови за надминување на ситуацијата со која резултира референдумското изјаснување, аналитичарите стравуваат дека Македонија, можеби, влегува во најнеизвесниот период во својата политичка историја, бидејќи временската рамка во која законски треба да се протурка спогодбата од Мала Преспа, најблаго речено, во овој момент е исклучително комплицирана, но, сепак, не е неостварлива

Еден ден по завршувањето на референдумот и сумирањето на неговите резултати политичката ситуација поврзана со спроведување на спогодбата од Мала Преспа, по сѐ изгледа, влегува во уште покомплицирана фаза што навестува трка со роковите, процедурите и со законските одредби. Тоа, впрочем, го најави и премиерот Зоран Заев, кој изјави дека за имплементација на договорот со Грција, постојат две опции. Првата е усвојување на уставните измени во парламентот за што е потребно двотретинско мнозинство, а тоа значи да гласаат и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а доколку тоа не се случи, втората опција се предвремени парламентарни избори кон крајот на ноември.

За првата опција, да се усвојат уставните измени во Собранието со двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 пратеници, потребни ќе бидат девет гласа од опозицијата.
– Се надевам дека ќе се договориме. Процесите не можат да бидат замрзнати и да стојат на место, работите мора да се движат напред – рече Заев.
За втората опција, предвремени избори, доколку не се постигне договор во Собранието, премиерот во своето последно обраќање рече дека постои капацитет за нивно одржување. Тоа, како што рече, би се случило кон крајот на ноември, поточно, на 25 ноември.

И министерката за одбрана, пак, Радмила Шекеринска во својата вчерашна изјава за медиумите истакна дека во следните седум до десет дена ќе се прави анализа дали може да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за уставни измени.
Претходно во интервју за „Нова Македонија“ претседателот на парламентот Талат Џафери на оваа тема изјави дека по завршувањето на референдумот доколку се влезе во наредната фаза, за уставни измени има стриктно пропишани процедури и рокови што предвидуваат во кој временски рок може да се води секоја постапка.
– Во секој случај сите што резонираме за односот и за потребата на граѓаните на државата можеме да заклучиме дека формално има време до крајот на годината да се завршат сите неопходни процедури и постапки. Но ние како собрание поучени од претходно искуство имаме и резервно време во смисла на тоа да дадеме решение за предвидувањата, кои велат дека може дебатата да оди докрај и во крајните граници и рокови. Ние ги пресметавме овие ситуации и мислиме дека кон половината на јануари може да се стигне и да се заврши и со наредната фаза од овој процес – изјави Џафери пред референдумот.

За уставните измени зборуваше и потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири во неодамнешното интервју.
– Уставните промени сепак ќе се носат во Собранието и за тоа претстои дебата во четиримесечен период, во процедури што се предвидени и пропишани. По референдумот, во Собранието прво ќе треба да се гласа потребата за уставните промени, потоа се продолжува со амандманска, па со јавна расправа и на крајот ќе се гласа за уставните амандмани, каде што треба да се интервенира, во согласност со спогодбата од Мала Преспа – рече Зекири.

Паралелно со плановите и прогнозите на политичарите, доаѓаат и предвидувањата на политичките аналитичари. Милан Стефаноски во својот осврт на ситуацијата објаснува дека во овој момент Македонија влегува можеби во најнеизвесниот моментум во нејзината политичка историја. Според него, временската рамка во која законски треба да се протурка спогодбата од Мала Преспа, најблаго речено, во овој момент е исклучително комплицирана, но, сепак, не е неостварлива.

– Тоа во суштина би значело дека треба да се брка крај на случувањата, кој за македонската страна, би завршил со јануари 2019 година до кога е предвидено да се заврши со уставните промени. Токму оваа крајна граница е таа т.н. мртвата линија, која верувам дека Заев нема да сака да ја прескокне или премине, бидејќи од грчка страна напролет се предвидени изборите за европскиот парламент. Затоа верувам дека премиерот сега е ставен во една незавидна позиција во која практично на опозицијата треба да понуди сѐ што таа хипотетички би побарала од него за поддршка на прометите на Уставот. Натаму, вториот комплициран момент во оваа ситуација се самите процедури, кои треба да се испочитуваат. За промена на Уставот се предвидени три процедури. Првата, според членот 196 од Деловникот, предвидува пристапување кон измена на Уставот и тоа како процес може да трае најмногу десет дена на седница под услов да се води претрес за оваа работа во целина на собраниската процедура. Потоа следува процесот на утврдување рок во кој поднесителот (Владата или најмалку 30 пратеници) пристапуваат кон измена на Уставот и изготвуваат текст за нацрт-амандмани, кој, пак, потоа треба да биде доставен до сите пратеници на 30 дена пред одржување на седницата на Собранието. Натаму, следува процедурата во собраниските матични комисии каде што исто така постојат рокови во кои се расправа за секој амандман посебно, но не повеќе од три работни дена за секој амандман посебно по што пак следува посебна јавна дискусија за нацрт-амандманите.

Процедурата не завршува тука, па според членот 199 од Деловникот на Собранието, текстот на предлогот на амандманите на Уставот и извештајот од јавната расправа предлагачот ги доставува до пратениците или до претседателот на Собранието најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата. Процедурата за ова случување предвидува и следна фаза односно финална етапа во која треба да биде извршено прогласување на амандманите на Уставот каде што ќе биде клучно позитивно да се изјаснат две третини од пратениците. За оваа вкупна процедура потребни се 40 дена за спроведување во максималната рамка ако нема прекини и се испочитуваат сите рокови – вели Стефаноски.

Сето тоа, според него, се комплицира ако не се постигне договор со опозицијата и премиерот реши на 25 ноември да се оди на избори бидејќи потоа прво ќе треба да се бркаат процедурите за конституирање на парламентот, да се преговара за идна влада, па потоа следува комплицираната процедура за доделување на мандатот кај претседателот веќе видена од претходното искуство… Накусо, како што вели, следува неодреден период, кој во практиката во македонската политика значи едно, но во теоријата сосема друго.
Аналитичарот додава дека и дури и сѐ да помине како подмачкано, останува дилемата околу капацитетите на СДСМ или на ВМРО ДПМНЕ да добијат апсолутно мнозинство во парламентот.

– Јас верувам дека ниту една од двете партии во овој момент и како што сега се поставени работите, го нема капацитетот за апсолутна победа. Разликата во гласовите или мандати скоро сигурно ќе биде тесна, а тоа дополнително, иако сега е во сферата на хипотезата, ќе нѐ воведе во една нова политичка криза ако се земе предвид за какво важно прашање станува збор – објаснува тој.
Според него, и тука не завршуваат сите можни препреки и дилеми.
Сепак, Стефановски верува дека законските процедури предвидуваат и решение на целата состојба, до кое барем хипотетички, би можело да се дојде преку широка владина коалиција.

– Но, ако некоја од партиите има поубедлива победа, која се противи на оваа форма, договорот и оваа опција испаѓаат невозможни – заклучува аналитичарот.
Освен тоа, ваквите комплицирани сценарија за имплементација на спогодбата на мускули, можат да го урнат договорот за пржинска влада што го постигнаа политичките лидери и со кој се заврши политичката криза.
Имено, како што објаснува Стефаноски, како што беше договорено на лидерските средби, измените во Изборниот законик предвидуваат 100 дена пред секои парламентарни избори да се формира техничка влада по моделот од Пржино, со што власта ѝ отстапува на опозицијата неколку министерски и заменик-министерски позиции.

Коментирајќи ги случувањата и од другата страна на границата, Стефаноски е смета дека и во Грција ништо нема да биде поразлично од кај нас односно дека и тамошните политичари кога топката ќе дојде во нивна половина, ќе го почувствуваат товарот на спогодбата.
Дополнително, според него, таму започнува кампањата за европските избори во период меѓу март и мај идната година, а доколку не се случат предвремени парламентарни избори, како што бара опозицијата, до крајот на идната година треба да има редовни, така што се очекува да се намали бројот поддржувачите на партијата на премиерот Алексис Ципрас и општо на левицата во земјата.

– Сето тоа дополнително ја комплицира временската рамка, бидејќи опозицијата која остро се противи на договорот, би можела во иднина да раководи со државните позиции околу спорот со Македонија и сето тоа негативно да заврши, односно да се пропушти можноста за легализирање на спогодбата – вели Стефаноски.
Според него, на меѓународно ниво, пак, треба да се фатат и временските „возови“ за летните самити на ЕУ и на НАТО, каде што практично во сосема друга и сосема долга и сѐ уште јавно нејасна процедура, треба барем само хипотетички да биде заокружена целата приказна за македонските евроатлантски интеграции.