Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција ја информира јавноста дека проблемот со недостиг од специјалисти во здравствените домови во внатрешноста на земјава ќе биде решен така што лекарите специјалисти ќе ротираат и ќе им помогнат на граѓаните во нивната најблиска болница. Досегашниот закон не дозволуваше ваква ротација.

– Со оваа измена, сметаме дека значајно се олеснува пристапот на пациентите кон одредена услуга. Наместо тие да патуваат до регионалните болници, сега овие специјалисти ќе можат по систем на ротации и по распоред што ќе го направи матичната установа да интервенираат, односно да ги даваат своите здравствени услуги во помали здравствени домови – објасни Филипче.

Со оваа измена на Законот за здравствена заштита, на пациентите ќе им се олесни патот до нужниот лекар. Министерството ќе испрати допис до болниците, за да го информираат каков лекар им недостига, односно каков доктор е потребен за соодветно лекување на пациентите.

Исто така, првиот човек на здравството информира дека се укинува менаџерскиот испит за директори, бидејќи не ги дал очекуваните резултати.