Целта на реформите кои ги правиме во МВР не е само да донесеме нови закони или измени и тоа да ни се брои како успех, туку овие законски решенија да добијат практична примена, а начинот на кој ќе ги применуваме ќе ја одреди нашата успешност.

Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на денешната дебата организирана од НВО Инфоцентар и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во Скопје

„Денес, токму на една година од крвавите настани во Собранието зборуваме за надворешната контрола над полицијата. Ако се потсетам на овој ден во 2017 година, а како еден од учесниците и една од метите на напаѓачите, имам на што да се потсетам. И од друга страна кога ќе погледнам наоколу и гледам за што денес дискутираме и во каква атмосфера, навистина се чувствувам задоволно“, рече министерот Спасовски.

Како една од жртвите на овој настан, рече Спасовски, не сакам да побудам сожалување или симпатии кај вас, туку сакам да ја испратам пораката дека граѓанското општество е многу битен сегмент во нашето општествено живеење.