Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, во придружба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, се сретнаа со вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, во седиштето на Цариградската патријаршија во Истанбул.

На средбата, на поканата што вселенскиот патријарх ја упати до Зоран Заев додека беше премиер, претседателот на Владата, Оливер Спасовски на поглаварот на Цариградската патријаршија му го честиташе празникот Христовото раѓање – Божиќ, со желби за здравје и сила, во мир и спокој да продолжи, како прв меѓу еднаквите во Православната црква, да ги обединува сите сестрински цркви.

Средбата во седиштето на Цариградската патријаршија се одржа во пријатна атмосфера и во срдечниот разговор беше изразена надеж дека и оваа година патријархот Вартоломеј, во духот на толеранцијата и разбирањето, ќе продолжи да поттикнува дијалог за изнаоѓање решенија за сите прашања со кои се соочува православниот свет и верниците.

Претседателот на Владата на Македонија, Оливер Спасовски, во срдечната атмосфера на средбата упати покана патријархот Вартоломеј да ја посети нашата држава и да се сретне со македонските верници.