Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Велес изјави дека се преземаат сите потребни подготовки да се создаде мирна атмосфера со цел граѓаните самостојно да донесат одлука на престојниот референдум. 

– Сега се наоѓаме во исклучително важен, исторски период за Република Македонија пред одржување на референдумот и во рамки на СВР Велес се преземаат сите потребни подготовки да се овозможи мирна атмосфера се со цел граѓаните да можат самостојно да донесат одлука-изјави Спасовски.

Тој посочи дека придобивките од членството во НАТО и ЕУ се огромни пред се затоа што НАТО ја гарантира безбедноста, а бенефитите од ЕУ се значителни ако се има предвид дека сега овозможуваат по 260.000 евра на ден европски пари помош за Македонија.

На денешната средба со градоначалникот Аце Коцевски се разговарало за меѓусебната соработка и за обновување на врската меѓу локалната заедница и полицијата.

– Многу важно за безбедноста е да има соработка, партнерски однос меѓу граѓаните и македонската полиција. За жал, таа нишка беше прекината во минатото, но денеска имаме многу заеднички иницијативи кои придонесуваат да ја обновиме таа соработка и притоа ја враќаме довербата на граѓаните во полицијата – рече Спасовски.